Во критична животна состојба се четириесетгодишната жена и десетгодишното дете кои се здобија со повреди при денешната експлозија што настана од плинска боца во кумановското село Романовце.
Пациентите во моментов се на лекување во ЈЗУ Универзитетска клиника по хируршки болести „Св.Наум Охридски“ – Скопје, каде е примена и бремена жена на возраст од околу 20 години.
Ова го изјави директорот на ЈЗУ Универзитетска клиника по хируршки болести „Св.Наум Охридски“ – Скопје и дежурен хирург, Љубен Арсенков.
„Некаде околу пладне со возило на итна медицинска помош донесени се тројца пациенти. Од кои една жена на 40-годишна возраст, кај која уште при првичниот преглед е констатирано дека се работи за сериозни повреди, со голем процент на опеченост, околу 40-50 отсто, и веднаш е ставена на апарати за механичка вентилација во интензивна нега“, изјави Арсенков.
Тој изјави дека втората пациентка, на возраст од околу 20 години е бремена во седми месец. Според првичната проценка било дека се работи за опеченост од 20-30 отсто била примена во единицата за интензивно лекување.
Арсенков информира дека бил повикан гинеколог, кој ја прегледал пациентката и во моментот на прегледот плодот бил добар.
„Со пациентката следат натамошни обработки на раните. Жената има изгореници некаде околу 20 до 30 отсто по површината на телото и моментов е во операциона сала на адекватна обработка, а потоа таа ќе се врати во интезивна нега“, рече Арсенков.
Третиот пациент е дете на 10-годишна возраст.
„Првично примено поради немање место во интезивна, во шок соба. При првиот преглед детете беше свесно ориентирано, проценката беше дека се работи за помал процент на опеченост. Меѓутоа откако се внесе во сала за адекватна обработка на повредените делови од телото, се воочи дека и кај детето се работи за изгореници од втор степен со зафатеност на површина на телото од 60 до 70 проценти“, рече Арсенков.
Додаде дека децата се со посебна специфика и големата површина на опеченост кај нив, во однос на прогнозата за преживување е посериозна и треба повнимателно да се третира.
Три деца починаа, а седум се повредени по експлозија на плинска боца во семејна куќа во кумановско Романовце. Од вкупно седумте пациенти кои се здобија со изгореници, четворица се во тешка состојба со висок степен на изгореници.
МИА
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Детали од МВР: Во експлозијата во Романовце загинале три дечиња
Бремена жена и дете меѓу повредените во трагедијата во Романовце