Стручни лица од РЕК Битола, со поддршка на колеги од МЕПСО и ЕВН Македонија, како и експерти од Техничките факултети во Битола и Скопје, интензивно работат на оспособување на трансформаторот на Блок 3, кој беше оштетен во пожарот минатиот петок, информираат од Електрани на Северна Македонија (ЕСМ).
„Првичните, неофицијални наоди говорат дека пожарот го предизвикал висок напон кој дошол до трансформаторот преку електроенергетскиот систем.
Генералниот директор на АД ЕСМ, Васко Ковачевски и директорот на производство на АД ЕСМ, Благојче Трповски при посетата на РЕК Битола најавија формирање на експертски тим од енергетските компании кој ќе ги дефинира чекорите за спречување на слични појави во иднина.
Ковачевски и Трповски изразија задоволство од зголемената динамика на ископ на јаглен во рудниците на РЕК Битола и формирањето на солидни залихи на депонијата од која се снабдува Термоелектраната,“ велат од ЕСМ.
Во РЕК Битола продолжуваат и завршните активности за заокружување на процесот на т.н. нега на Блок 2 кој в недела треба да биде ставен во функција.
Фото: МИА/ЕСМ