Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) издаде налог и во моментов врши вонредна инспекциска контрола кај операторот со храна – производител на леб и бели печива, по објавената фотографија на социјалните мрежи за еден од објектите на операторот, на која се гледа глодар на една од масите каде се послужува храна, информираат од таму.
– Во рамки на законските надлежности, инспекциските служби вршат проверка дали од страна на овој оператор со храна се почитуваат пропишаните општи и посебни барања за безбедност на храната, вклучително и тоа дали се спроведени мерките за дезинфекција, дезинсекција и дератизација, информира АХВ и најавува дека со идните редовни и вонредни инспекциски контроли, акцент ќе биде ставен и на контролата на спроведувањето на законската обврска за редовно вршење дезинфекција, дезинсекција и дератизација на објектите во кои се подготвува и послужува храна.
Агенцијата за храна и ветеринарство врши редовни инспекциски контроли и кај оваа категорија оператори со храна, а по потреба се преземаат и дополнителни, вонредни мерки за контрола“, се вели во соопштението.
Од таму додаваат дек во првите шест месеци од годинава се извршени вкупно 8.336 инспекциски надзори кај оператори со храна од неживотинско потекло, од кои 1.027 кај пекарници, бурекџилници и трговци со леб и бели печива.
„Констатирани се пропусти од помал обем што се однесуваат на имплементацијата на Добрите хигиенски и производни пракси или HACCP системот, како и по однос на несоодветно означување на производите. Инспекциските служби изрекле 156 наредби за отстранување на констатираните недоследности, даден е налог за 82 едукации, а изречени се и две времени забрани“, се додава во соопштението.
Од АХВ апелираат до граѓаните секоја недоследност да ја пријават на бесплатната телефонска линија 0800 3 22 22, лично, или на електронската пошта [email protected], наведува Агенцијата за храна.