еМагазин
Image default
НАША ТЕМА ТОП СТОРИИ

Вртоглав пораст на цената на акциите на „ЗК Пелагонија“: Што ја подгрева вредноста на комбинатот?

Зголемување од 1.895 денари за десетина дена има на просечната цена на акциите од „ЗК Пелагонија“.

На 5 февруари просечната цена на акцијата на ЗК Пелагонија изнесувала 2.824 денари, а на 16 февруари таа пораснала на 4.719 денари.

Невообичаено големиот интерес за акцијата на оваа компанија предизвика сомнежи за инсајдерско тргување и времена суспензија на оваа акција од Македонската берза по налог на Комисијата за хартии од вредност (КХВ).

ТРГУВАЊЕТО СО АКЦИИТЕ НА „ЗК ПЕЛАГОНИЈА“ ПОД НАДЗОР НА КХВ

Како што соопшти КХВ, тргувањето со акциите од издавачот „ЗК Пелагонија“ АД Битола и другите инволвирани берзански субјекти веќе извесен период се предмет на надзор од страна на КХВ согласно сите закони од нејзина надлежност и за исходот како и досега јавноста ќе биде благовремено известена.

„Нетипичната побарувачка на акциите на „ЗК Пелагонија“ АД Битола, која се одразуваше врз нивната цена, а во услови на недостиг на јавно расположливи информации нужни за проценка на моменталната состојба од страна на друштвото беше причина на 17.02.2021 година, КХВ да и наложи на Македонската берза АД Скопје привремено да го прекине тргувањето со акциите издадени од „ЗК Пелагонија“ АД Битола.

По барањето од КХВ, издавачот ја извести Комисијата дека нема сознанија за постоење конкретно ценовно чувствителни информации кои треба да ги објават согласно Правилата за котација на Македонската берза АД Скопје, ниту пак располагаат со информација за евентуална заинтересираност на инвестициски фондови за купување на друштвото“, соопштија од КХВ.

ШПЕКУЛАЦИИ МОЖАТ ДА ДОВЕДАТ ДО ЗАБЛУДА НА ИНВЕСТИТОРИТЕ

Според Комисијата, бидејки информациите го движат пазарот и влијаат на обемот на тргување или на цената на хартијата од вредност, а често пати нивното отсуство или неточност може да доведе до заблуда или да креира лажна слика за пазарот кое е забрането дејствие со закон, Комисијата ги повикува сите субјекти кои поседуваат било какви информации поврзани со евентуално тргување врз база на внатрешни информации независно дали се стекнати преку остварување на професионални задачи или обврски да ги пријават во КХВ, а во функција на активната супервизија на пазарот на хартии од вредност и ефикасно истражување на евентуални противзаконски дејствија.

„Напоменуваме дека тргувањето со внатрешни информации е забрането со Законот за хартии од вредност и претставува кривично дело, а за негово докажување како сериозен облик на противправно постапување потребно е повеќефазно прибирање на докази.

Комисијата останува посветена на континуираната определба дека транспарентноста и објавувањето на податоци од страна на издавачите се и треба да бидат централниот столб на ефикасното функционирање на пазарот на капитал“, наведува КХВ.

РАСПРОДАЖБА НА ИМОТОТ НА КОМБИНАТОТ, НАЈГОЛЕМИТЕ АКЦИОНЕРИ МЕЃУ КУПУВАЧИТЕ

Реакцијата на КХВ доаѓа откако во јавноста се појавија различни шпекулации за можна продажба на „ЗК Пелагонија“ на инвестициски фонд и за манипулирање со цените за акцијата за да се стекне евтин капитал од малцинските акционери. Но, за тоа засега никој не презентира докази.

Според јавните податоци објавени преку Македонската берза веќе извесен период има распродажба на имотот на „ЗК Пелагонија“.

Јордан Камчев

Во јануари 2020, „еМагазин“ објави дека бизнисмените Јордан Камчев и Цветан Пенделески сакаат „сами од себе“ за 24 милиони евра да ги купат биогасните електрани „Пелагонија енерџи“ кои се во сопственост на најголемиот производител на храна во земјава ЗК „Пелагонија“.

Двајцата бизнисмени кои директно или посредно се јавуваат како доминатни сопственици на капиталот во ЗК „Пелагонија“ основале заедничка фирма во Бугарија наречена „Тиор“ преку која сакаат да станат нови сопственици на двете електрани.

Според предлогот за продажба што тогаш беше објавен преку Македонската берза, од вкупната сума 15,5 милиони евра ќе бидат исплатени на ЗК „Пелагонија“, а останатите 8,5 милиони евра ќе се исплатат на Стопанска банка Скопје и НЛБ Банка по основ на обврски за земени кредити.

Цветан Панделески

Интересно е што „Пелагонија енерџи“ веќе има потпишано договори со ЗК „Пелагонија“ за набавка на суровини – ѓубриво од кравите и фуражната пченка кои се користат за производство на струја во биогасните електрани.

Истовремено, „Пелагонија енерџи“ со МЕПСО има потпишано договор за откуп на струја до 2030 по стабилни цени.

Со оглед на тоа што двете биогасни електрани имаат инсталиран капацитет од 6 мегавати, тоа значи дека во наредните 10 години тие ќе бидат „машина за пари“ со оглед на тоа што гарантиран е откупот и суровините за производство на струјата.

Собранието на акционери на „ЗК Пелагонија“ на седницата закажана за 8 февруари годинава, меѓу другото одлучуваше за предлог-одлуките за продажба на „Комплекс Александрија“ и на „Скопско поле“

Акционерите одлучија „Комплексот Александрија“ да им се продаде на „Орка Холдинг“ и „ТИМ“ ДОО Скопје за вкупна сума од 11 милиони евра. Беше одобрено двете компании да купат удел од 50 отсто од комплексот и за тоа да платат по 5,5 милиони евра.

Собранието на акционери на „ЗК Пелагонија“ на седницата ја одобри и продажбата на „Скопско поле“ на „Жито Полог“ за сума од 200 милиони денари или околу 3,2 милиони евра.

Пресметката покажува дека за една година на продажба е даден имот на „ЗК Пелагонија“ неколку десетици милиони евра.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Сите детали: Зошто е прекинато тргувањето со акциите од „ЗК Пелагонија“?

Суспедирано тргувањето со акциите на ЗК Пелагонија

„ЗК Пелагонија“ ја „тресе“ берзата: Се купуваат акции вредни илјадници евра

Во две блок трансакции продадени акции од „ЗК Пелагонија“ за 374.000 евра

Фото: Пелистерка/Орка Холдинг

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Одлуката за Македонија да помине низ Националното собрание договорија коалициските партнери во бугарската Влада по вонредниот совет

Редакција

(ВИДЕО) На 59 години почина пејачот и модел Ник Кејмен

Редакција

Кумулативната инциденца во Дебар 169,3 во Куманово 37,8, во Скопје 29,6: Заболени со коронавирусот по градови

Редакција