еМагазин
Image default
НАША ТЕМА ТОП СТОРИИ

За него Македонците се северномакедонци со бугарски корен: Кој е Слави Трифонов, клучниот “играч“ за формирање влада во Бугарија

Партијата „Има таков народ“ на бугарскиот шоумен Слави Трифонов е најголемиот победник на парламентарните избори во Бугарија.

Тој е моментално во изолација поради симптоми на Ковид-19, како што соопшти самиот на својот Фејсбук профил, а неговата партија според првичните резултати е второ или трето пласирана на изборите, па станува клучен фактор за формирање на нова влада.

„Сега е важно тоа што се случи на изборите, а не симптомите“, напиша тој.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Бојко Борисов во водство, втор e шоуменот Слави Трифонов

Кој е Слави Трифонов

Роден е во октомври 1966 година во Плевен и е најмладиот од трите браќа и една сестра, со која е многу близок.

Завршил музичко училиште во Плевен, а потоа дипломирал на Националната музичка академија во Софија.

Тој е бугарски музичар, шоумен, актер, а од пред неколку години и политичар.

Главно е активен во фолк музиката, но во текот на кариерата експериментирал со музички стилови, од хип-хоп до рок и панк со групата „Ку-Ку“.

Партијата „Има таков народ“ ја формираше во 2019 година.

„Македонците имаат бугарски корен“

Заедно со групата „Ку-Ку“ има издадено над 20 албуми, а интересен податок е дека имаат и албум кој се вика „Македонија“, објавен во 2010 година.

Според него Македонците или северномакедонците како што не нарекуваа, имаат бугарски корен, а своите размислувања по прашањето на европската иднина на Македонија, отворено изминатиов период ги споделуваше на Фејсбук.

Неодамна тој на Фејсбук напиша дека ако Македонците не признаат дека имаат бугарски корен, нема ЕУ.

„Предлогот до Македонците, оп, извинете – северномакедонци, ако ги признаат своите историски бугарски корени, и ние ја признаеме моменталната состојба на работите, а моменталната состојба е да ги признаеме македонскиот јазик и нација -тоа е за нив најдобриот предлог што можат да го добијат.

И тоа во ситуација кога целата нивна сегашна државичка се заснова на антибугарска реторика, нарекувајќи нè Бугари – Цигани и Татари.

Почитувани Македонци, извинете – северномакедонци, ќе се навикнам, но ми треба време – да бидам искрен, јас сум многу толерантна личност, но сè има свои граници.

Ве гледам како чекате бугарски пасоши, гледам како доаѓате на бугарското Црно море и бугарските летувалишта, гледам како вашите деца доаѓаат да учат на бугарските универзитети, гледам како мислите дека „Јовано, Јованке“ е македонска, извинете, северномакедонска песна, и се прашувам – зошто, луѓе? Нели сме Цигани и Татари?

Значи, сакате цигански пасоши, доаѓате во Татарското Црно Море, студирате на цигански универзитети и „Јовано, Јованке“ е на крајот циганска песна, да ми проста Циганите – тој толку емотивен и раселен народ низ целиот свет.

Значи, Северна Македонија нема да добие подобар компромис и ако не се усогласи со нејзините историски бугарски корени, таа ќе постои надвор од Европската унија“, напиша тој.

Фото: Фејсбук/Трифонов

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

(Фото) Зеленски меѓу народот во Буча: „Mногу тешко да се преговара со Русија по масакрот што го извршијa“

Редакција

Кој е Виктор Димовски, новиот директор на Агенцијата за национална безбедност

Редакција

Акциите на ОКТА, Комерцијална и Алкалоид со најголем промет на Македонската берза во јули

Редакција