На дисковите што му биле предадени на претседателот на Србија, Александар Вучиќ, снимени се 660 минути на негови незаконски прислушувани разговори, вклучително и оние со неговиот син Данило и неговиот брат Андреј, пишуваат Новости.
Работната група на Министерството за внатрешни работи, која собира информации по наредба на Обвинителството за организиран криминал, во случајот со прислушувањето на шефот на државата и членовите на неговото семејство, во петокот продолжи да испрашува припадници на полицијата и досега се сослушани околу 50 припадници на МВР.
Клучен актер во оваа афера, барем засега, освен поранешниот државен секретар на Министерството за внатрешни работи, Дијана Хркаловиќ, која одбива да биде ставена на полиграфско испитување, е и Дејан Миленковиќ-Багзи, нејзин најблизок соработник и поранешен началник на Службата за специјални истражни методи на Управата за криминалистичка полиција, пренесуваат Новости.
Според неофицијалните информации на Новости, Дејан Миленковиќ-Багзи се согласил на полиграф и го поминал овој тест, односно докажал дека не лаже за настаните во оваа служба, во времето кога бил на нејзино чело.
Тој, наводно, потврдил дека имало тајни мерки за прислушување без судски наредби.
– Имало и случаи кога се правеа транскрипти од тајни разговори кои се носеа на Дијана Хркаловиќ, без да бидат запишани во официјалните полициски документи, вели соговорникот на Новости.
Пред две недели, Вучиќ објави дека има докази дека бил прислушуван година и пол, дека станува збор за директен обид за државен удар и дека во прислушувањето „несомнено е дека учествувал и странски фактор“, додавајќи дека не ги обвинува странците, „кога пред сè се замешани наши“.
– Ова дојде до мене, бидејќи имаше чесни полицајци кои ми ги донесоа, кажа Вучиќ, кој додаде дека му биле доставени дискови на кои биле снимени неговите прислушувани разговори.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Вучиќ и членови на неговото семејство биле нелегално прислушувани, полицијата собрала докази
МИА/Фото: Фејсбук/Вучиќ