еМагазин
Image default
Балкан ТОП СТОРИИ

Задолжителна вакцинација на здравствените работници планира Србија

Лекарите мора да бидат пример, тоа е дел од нивната одговорност и верувам дека 100 отсто од здравствените работници треба да се вакцинираат против Ковид-19, изјави денеска премиерката на Србија, Ана Брнабиќ.

Како што јави дописникот на МИА од Белград, Брнабиќ на ТВ Прва рекла дека една од темите на денешната седница на Кризниот штаб ќе биде задолжителната вакцинација на здравствените работници.

– Имаме 66 отсто од здравствените работници кои се вакцинирани, но огромен број од нив не е. Основна одговорност е да се вакцинираат. Ако можеме, би отишла на задолжителна вакцинација за нив, рече Брнабиќ.

Таа додаде дека на денешната седница на Кризниот штаб главна тема ќе биде и почетокот на учебната година.

– Предлогот е учебната година да почне нормално со целосен фонд на часови, со задолжителни маски. Апелираме до сите просветни работници да се вакцинираат. Мислам дека е исклучително важно оваа учебна година децата нормално да одат на училиште, изјави Брнабиќ, оценувајќи дека вакцинацијата на младите, кои во Србија се вакцинирани само околу 20 отсто, е исклучително важна.

Таа додаде дека мора да се научи да се живее со вирусот и дека вакцините се достапни за секого, што е главна мерка во борбата против пандемијата.

– Имаме околу 52 отсто вакцинирани полнолетни граѓани, што не е доволно, но нѐ спасува. Сепак, мораме побрзо и подобро, нагласи таа, порачувајќи дека е против мерките на затворање, бидејќи верува дека секој мора да научи да живее со вирусот.

Во пресрет на денешната седница на Кризниот штаб, епидемиологот Бранислав Тодоровиќ за весникот „Нова“ изјави дека ќе бара построги мерки и натписи на кафулињата „Предност за вакцинираните“.

Тој смета дека доколку се почитуваат мерките нема потреба да се ограничува работата на угостителските објекти.

– На угостителите ќе им биде упатен апел до сите нивни работници да се вакцинираат. Ова може да важи и за рестораните и за ноќните клубови, а мислам дека не може да боли на влезот во внатрешноста на објектот да стои натпис „Предносот имаат оние кои се вакцинирани, оние кои се тестирани и го преболеле вирусот“, рече Тодоровиќ.

Координаторот на пунктот за вакцинација на Белградскиот саем, Зоран Бекиќ, оцени дека вакцинацијата во Србија сѐ уште е бавна и дека досега се дадени 29.000 трети дози на вакцини против коронавирусот.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Невакцинираните работници во Грција од септември на свој трошок ќе треба да се тестираат еднаш или двапати неделно

МИА

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

(ВИДЕО) Француските специјалци користат гранати против „Жолтите елеци“

Редакција

Украина забранува работа на проруски политички партии

Редакција

Граѓаните кои за викенд треба да се ревакцинираат во Србија, веќе добија известувања од е-Управа

Редакција