Редовната средба на Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) годинава ќе се одржи во Сараево од 7 до 9 мај, а на неа ќе учествува и премиерот на Република Северна Македонија, Зоран Заев, заедно со сите останати лидери на земјите од Западен Балкан.
Повеќе од 2.000 претставници на меѓународната бизнис-заедница, инвеститори, високи владини службеници (гувернери на ЕБОР, министри за финансии, економисти, благајници или централни банки), како и лица од граѓанските организации ќе ја посетат Босна и Херцеговина.
– Оваа „Годишна конференција“ овозможува идеална прилика да се сврти вниманието кон потенцијалот за инвестиции, економски раст и создавање нови работни места. Европската банка за обнова и развој (European Bank for Reconstruction and Development – EBRD) сака да придонесе во креирањето економија што ќе овозможи просперитет и развој на локалната популација, како и создавање рамка што ќе го забрза процесот на вклучување во Европската Унија. Сигурен сум дека еден ден ќе се сеќаваме на овој настан како на значаен чекор во процесот на остварување на овие цели, вели Енцо Куатрокиоче, генерален секретар на ЕБОР.
Освен претседателот на Владата на Република Северна Македонија, и Денис Звиздиќ, претседавачот на советот на министри на БиХ, настанот со пристуство ќе го поддржат и претседателот на Црна Гора, Мило Ѓукановиќ, премиерот на Албанија, Еди Рама, претседателот на Косово, Хашим Тачи и претседателот на Србија, Александар Вучиќ.
– Ова е еден од проектите за кои што се залагам уште од 2010 година. Токму затоа сум исклучително среќен што можеме да ја поддржиме организацијата на овој извонреден настан. Ме радува што оваа приказна ќе биде поддржана од претставниците на земјите од Западен Балкан и се надевам дека оваа средба ќе ја искористиме со цел заеднички да го претставиме нашиот потенцијал и економски да напредуваме, рече Мирко Шаровиќ, министер за трговска размена и економски врски.
Лидерите на земјите од Западен Балкан ќе се сретнат во рамки на програмата на оваа конференција и ќе дискутираат за низа прашања од економска и од политичка природа, што се клучни за целиот регион.
Главната тема на годинашниот бизнис-форум ќе биде „Поврзување на економиите за посилен раст“, а агендата ќе покрие широк опсег на области релевантни за сите држави во кои што ЕБОР работи, како: инвестиции, миграција, туризам, дигитизација. Ќе се водат и дискусии за регионални прашања со фокус на можностите за инвестиции во Западен Балкан.
Европската банка за обнова и развој, како меѓународна финансиска институција што поддржува проекти во над 30 земји од светот, минатата година инвестира 1.1 милијарда евра во државите од Западен Балкан, што е досегашен рекорд, а годинава се очекуваат и дополнителни инвестиции.
За Европската банка за обнова и развој (ЕБОР)
ЕБОР е меѓународна финансиска институција која што поддржува проекти во над 30 земји од светот, од источна Европа, преку централна Азија, до јужниот и источниот Медитеран. Како мултилатерална развојна инвестициска банка, ЕБОР првенствено се концентрира на клиенти од приватниот сектор, односно тие што пазарот не може во целост да ги задоволи.
Оваа банка работи во земји што се посветени на развојот на демократијата и на нејзините принципи, а еден од факторите што значајно влијае на нејзиното корпоративно управување, односно ги следи сите инвестиции, е заштитата на животната средина. ЕБОР е сопственост на 68 земји и две меѓувладини институции – Европската инвестициска банка и Европската Унија.
За годишната средба и бизнис-форумот на ЕБРД
Законската обврска на одржување една годишна седница е причина за организација на овој Годишен состанок на Одборот на гувернери на Европската банка за обнова и развој. Оваа манифестација, исто така, вклучува и богата програма на други паралелни случувања, како што се бизнис-форумот, програмата за претставниците на граѓанските организации, редовна средба на донаторите, бројни културни и друштвени настани, како и програма за партнерите.
За земјата домаќин
Босна и Херцеговина е земја домаќин на 28 Годишен состанок на Одборот на гувернери, инвестициска конференција и бизнис-форум на Европската банка за обнова и развој (ЕБОР), што ќе се одржи во Сараево, од 7 до 9 мај 2019 година. Земјата, по овој повод, ќе биде центар на интересот на најголемите инвеститори во Европа и во светот, преку пренос во живо и вклучување од светските медиуми, како Би-би-си и останатите меѓународни куќи.