Определбата на актуелниот градоначалник на Општина Куманово, Максим Димитриевски да не дочека СДСМ да ја донесе одлуката и прерано да го напушти процесот на селекција на кандидатите за претстојните локални избори согласно сите истражувања што ги правевме е негова лична одлука и со таа лична одлука тој ја донесе и одлуката за себеисклучување од СДСМ, порача денеска премиерот и претседател на СДСМ, Зоран Заев.
-Статутот на СДСМ водејќи се со сите демократски определби ја направил јасната дистинкција на разграничување. Кога ќе одлучите дека треба да го напуштите СДСМ, тоа е опишано на неколку начини како тоа го правите, а еден од тие е токму тоа – истапувате од СДСМ и одите како независен кандидат. Максим Димитриевски се одлучи за тоа. Тоа е негова одлука и Максим тргна против Максим.
На СДСМ му остана само на првиот Централен одбор да го констатира тоа што Максим Димитриевски го направи, односно тоа е исклучувањето од СДСМ, рече Заев во одговор на новинарско прашање.
Тој посочи дека статутот е устав во СДСМ, најважниот и највисок документ по којшто работат и е израз на максимална демократска процедура во партијата.
-СДСМ е исклучително демократска партија која што своите определби и одлуки не ги носи на основа на ставови на поединци, ги носи на своите органи и тела, ги носи преку својот Статут. Во него е јасно опишано кога ќе тргнете против СДСМ, кога ќе се спротивставите на СДСМ не можете истовремено да бидете и член на СДСМ, а можете слободно да ги кажете вашите различности, можете да дојдете во органите и телата на партијата, можете да дискутирате, да се борите за вашите ставови.
Најдоброто во СДСМ е тоа што различните ставови многу често и победуваат дури и кога не се ставови на највисокото раководство на СДСМ. Максим беше член на Конгрес, по функција член на Централниот одбор како градоначалник, секогаш го имал правото да дојде да дискутира и да ги каже своите забелешки, така што овде е јасна процедурата како се донесуваат одлуките, прецизира Заев.
За повторното некандидирање на актуелниот градоначалник на Општина Радовиш, Герасим Конзулов на локалните избори, Заев рече дека тоа е направено, бидејќи анализите покажале дека 60 отсто од граѓаните на Радовиш сметаат оти не заслужува втор мандат.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Максим Димитриевски: Моето исклучување од СДСМ е желба на поединци
МИА/Фото: Влада