еМагазин
Image default
Македонија

Заев: Отстапувам од петти и согласен сум изборите да се одржат на 8 јули

Јас нема да робувам на 5 јули и како датум да се држам фиксно до него. Имајќи предвид дека и господинот Христијан Мицкоски и јас повеќе пати спомнувавме дека поприфатливо е изборите да се одржат во среда како неработен ден, еве отстапувам од 5 јули и согласен сум изборите да бидат на 8 јули, среда, а во понеделник и вторник ќе гласаат болните и изнемоштените, граѓаните во самоизолација, граѓаните позитивни кои се во болници и дома, сите хронични болни, повозрасните луѓе, рече лидерот на СДСМ и поранашен премиер Зоран Заев денеска од Струмица, каде што присуствуваше на увидот на завршните работи на новото болничко крило од струмичката болница заедно со премиерот Оливер Спасовски и министерот за здравство, Венко Филипче.

Заев ја повика опозицијата на одговорност, рационалност и конструктивност.

„Сакам да ги информирам сите дека не станува збор за некаков инает или фиксен датум, туку станува збор за нашата држава и нашиот народ. За подобро справување со корона кризата, со здравствената и економската криза предизвикана од вирусот, која трае и ќе трае во перидот што е пред нас. Затоа ни требат избори што поскоро. Не заради пуст датум и заради пусто партиско его.

Затоа, реков дека нема да робуваме на датумите. За нас е многу важно да имаме навреме избори за да си ги вратиме институциите, за институциите да му служат на народот со полн капацитет.

Институциите се за сите граѓани и за тие што ја поддржуваат власта и за тие што ја поддржуваат опозицијата и за тие што никого не поддржуваат. Затоа е многу важно учеството на опозицијата.

Апелирам, повикувам на одговорност, на рационалност и на конструктивност. Ова не е време како порано кога на претходната власт и одговараа избори без опозиција. Не, демократијата во која живеме бара активно учество на опозицијата,“ истакна Заев.

Тој додаде дека ако се прифати осми јули како датум за избори, ги замоли претседателот на Владата и министрите да се соберат доцна во текот не денот, да се свика владина седница и да донесат предлог за продолжување на вонредната состојба од три дена, овој пат заради договор со опозицијата, бидејќи немаат аргументи заради економски причини да барааат вонредна состојба.

Тие три дена би дале правно разрешување на можноста, токму на осми јули да се оди на избори.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Заев и Мицкоски не се договорија за датум за избори

МИА/Фото: СДСМ

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Втор заболен од Ковид-19 за неполни два дена во Делчево

Редакција

Петар Атанасов потврди дека сакал да биде министер

Редакција

Иванов доби канцеларија во Џевахир „Скај сити“ со годишен буџет од 105.000 евра

Редакција