Голем број македонски граѓани вчера јавно изразија поддршка за работникот кој поради неисплатени плати му го запали џипот „БМВ Х-6“ на поранешниот работодавач. Среќна околност е што овој немил настан не заврши кобно и за самиот газда со оглед на тоа што работникот во очигледен „нервен напад“ го полил и него со бензин.
Овој случај е само еден од многуте кои покажуваат дека на македонските работници им е дојдено преку глава од работодавачи кои од различни причини не ги исполнуваат обврските кон вработените.
Имено, во мај, годинава државјанин на Холандија, сопственик на расадник за украсни дрвца во тетовско село Прељубиште беше убиен со камен во глава.
Првичната информација оттаму беше дека работникот започнал вербална расправија со газдата, која прераснала во тепачка со смртни последици.
Тоа што повеќето медиуми не го објавија е каков однос имал Холанѓанецот кон вработените. Според сведочењата, тој фрлал саксии по нив, не им дозволувал паузи за храна согласно закон и поставил стандарди на работење слични како во робовладетелско општество.
Во македонските медиуми повремено се објавуваат стории и за односот на газдите на одредени текстилни компании кои на работничките им ги мерат минутите за одење во ВЦ и исхрана и ги третираат буквално како стока.
Ако на тоа се надоврзе фактот дека според статистиката секој месец неколку илјади работници не земаат плата иако нормално ги извршуваат работните задачи извесно е дека може да се очекува насилство и несакани инциденти да се случуваат и во иднина.
Затоа, Владата и надлежните институции наместо да носат популистички мерки за субвенционирање на зголемување на платите во приватниот сектор најпрво треба да се позанимаваат со оние фирми кои практикуваат робовладетелски услови за работа, кои ненавремено ги исплаќаат платите на работниците и каде не се почитуваат основните човекови права.
Насилството не е решение за ниту еден проблем, но одговорност за ваквите инциденти освен поединците треба да понесе и државата која очигледно дозволува газдите да си поигруваат со судбините на работниците.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
На скопјанец „му пукнал филмот“: Му го запалил џипот „БМВ Х-6“ на газдата поради неисплатени плати