Николај Димитров, адвокатот на дел од семесјтавата на загинатите и повредените патници од автобуската несреќа на Беса транс на автопатот Струма во Бугарија, за дописникот на МИА од Софија изјави дека увидот на теренот е веќе започнат.
Експертскиот тим го започнал увидот на три километри од автобуската несреќа и целта е да покаже дали има причинско-последични околности кои довеле до несреќата.
Се проверува површината на коловозот, знаците, ознаките и сите други елементи кои можат да дадат одговор на прашањето како точно се случила несреќата.
Адвокатот за МИА коментира дека увидот ќе покаже што недостигало на овој дел од автопатот Струма и дали токму тој недостаток е главната причина за несреќата.
Димитров посочува и дека семејствата на неговите клиенти јасно прашуваат дали е виновен само загинатиот возач или има друга околност што довела до страшната несреќа.Тие го поставуваат и прашањето што се случило со личните работи и багажот на починатите, како и со златни вредни предмети и украси кои ги имале на себе, но не биле регистрирани од бугарските власти и никој не им ги вратил.
Семејствата на загинатите и преживеаните од автобуската несреќа во Бугарија побараа паралелна истрага за утврдување на причините за трагедијата во која загинаа 45 патници, а седум беа потешко повредени. Во декември, истрагата покажа дека главна причина за настанатата катастрофа била брзината која не соодвестувала со условите на патот.
МИА/Фото: МИА