Автор: Филип Ачкоски, м-р по фармација, топедукатор
Февруари – месецот на љубовта и виното, е и месец на будење од зимскиот сон. После тмурниот и бесконечен јануари, во февруари вообичаено има повеќе сончеви денови, се подобрува расположението а црвеното вино дополнително ги разгорува љубовните страсти. Она што симболично ги поврзува виното, љубовта и месец февруари е секако срцето, кое е речиси неизоставен декор на секој подарок за саканите во овој месец!
Во оваа љубовно/винска/потрошувачка еуфорија креирана околу датумот 14.02 малкумина од нас ќе ја препознаат важноста на здравото срце за долговечна љубов но и важноста на искрената љубов за здравјето на срцето. Срцето, иако е само мускул кој испумпува крв во нашите крвни жили, не случајно се врзува со љубовта и секогаш се означува со црвена боја – бојата на љубовта.
Скоро и да нема човек на кого во моментите на заљубеност и возбуда не му затреперува срцето и чука забрзано па затоа во нашата потсвест љубовта и срцето се поврзани со нераскинлива врска. Сепак честопати, особено во зимскиот период, свесно или несвесно со нашето однесување придонесуваме за нарушување на срцевото здравје.
Тука пред се мислам на прекумерниот внес на калории и алкохол, неправилна исхрана богата со масти од животинско потекло, а сиромашна со овошје, зеленчук и интегрални житарици, седечкиот начин на живот и физичка неактивност но и современиот убиец – стресот.
Кога на ова ќе додадеме 3-4 кафиња на ден и кутија цигари…јасно е колку го оптеретуваме нашиот главниот орган – срцето.
Ваквиот однос кон сопственото здравје води кон бројни здравствени ризици уште во младата возраст а пред се атеросклероза. Атеросклерозата е појава поврзана со вишок на LDL (лош) холестерол во крвта при што се формираат плаки, кои ги затнуваат артериите и го спречуваат нормалниот проток на крвта низ организмот. На тој начин се нарушува протокот на крв до и од срцето, што го зголемува ризикот од покачен крвен притисиок, срцев удар, мозочен удар и други кардиоваскуларни заболувања.
За да го сочуваме здравјето на срцето пред се треба соодветно да се храниме. Нашето мени треба секојдневно да содржи: интегрални житарки, свежо овошје и зеленчук како и доволно вода (2-3л на ден). Сончогледовото масло треба да се замени со маслиново а месото со риба (лосос, пастрмка) која е одличен извор на омега 3.
Важно е да се избегнува белото брашно, полномасни млечни продукти, свинско месо и сушени свински производи и особено слатките кои се директно одговорни за пораст на нивото на масти во крвта но и нашата телесна тежина. Во секојдневното темпо мора да најдеме време за редовна физичка активност, најмалку 30 минути секој ден. Ова е особено важно за одржување на здрава тежина и БМИ (body mass index).
Пушењето треба да се намали до крајни граници, кафето до две кафиња најдоцна до 16 часот, а што се однесува до алкохолот – безбедни сте до две чаши црвено вино на ден .
На крајот на денот, корисни се и додатоци во исхрана богати со црвен ориз, артичока, омега 3 и коензим Q10, бидејќи на природен начин го намалуваат нивото на масти во крвта и воопшто придонесуваат за подобро срцево здравје.
Бидете умерени, сакајте се, и не заборавајте дека имаме само едно срце кое треба да не служи цел живот!