Економските аналитичари очекуваат постепено забрзување на инфлацијата и на економскиот раст во следните две години, покажува најновата анкета на Народната банка.
Така, за 2019 година очекуваат дека просечната стапка на инфлација ќе изнесува 1,8%, а потоа минимално ќе забрза и ќе достигне до 1,9% и 2,0% во 2020 и 2021 година, соодветно.
Испитаниците ја објаснуваат благата нагорна патека на инфлацијата за наредните години со повеќе фактори, како што се зголемената минимална плата, повисоката домашна побарувачка, повисоките цени на енергијата и очекуваниот раст на цената на нафтата на светскиот пазар, како и општиот раст на светските цени на примарните производи.
„Во споредба со претходната анкета, очекувањата се непроменети за 2019 година, додека за 2020 година очекувањата се променети во надолна насока, односно се пониски за 0,1 процентен поен (во оваа анкета испитаниците за првпат беа анкетирани за 2021 година)“, соопшти Народната банка.
Во поглед на економската активност, просечните очекувања за реалниот раст на БДП изнесуваат 2,8%, 3,2% и 3,4% за 2019, 2020 и 2021 година, соодветно.
Испитаниците ги поврзуваат ваквите очекувања за засилување на растот со растот на економската активност во претходната година, олабавувањето на монетарната политика, владините мерки за поддршка на претпријатијата, политичката стабилност, почнувањето на процесите за интеграција во НАТО и ЕУ, зголемувањето на инвестициската и извозната активност, инфраструктурните проекти најавени од државата, како и со растот на личната потрошувачка поврзан со растот на просечната плата, кредитирањето и пониската невработеност.
Во однос на декемвриската анкета, испитаниците имаат минимално послаби очекувања за растот на економијата во 2019 и 2020 година (за 0,1 п.п.)