еМагазин
Image default
МАКЕДОНСКО

Знаeте ли што пишува во Крушевскиот манифест?

Крушевскиот манифест е манифест што го објавила востаничката власт во Крушево за време на Илинденското востание.

Напишан е на 6 август, а негов автор е Никола Киров Мајски, иако одредени историски извори како автор го наведуваат Никола Карев.

Напишан е на македонски јазик (крушевски дијалект), а потоа, преведен на турски јазик, е испратен во 17 примероци до околните села со чисто или мешано муслиманско население.

Во него околното муслиманско население братски се повикува да ја поддржи и да ја помогне светата борба на сите обесправени во Македонија.

Манифестот наидува на добар прием од страна на муслиманското население.

Што пишува во Манифестот?

Ви го пренесуваме целиот текст на Крушевскиот манифест:

“Браќа земљаци и мили комшии

Ние, вашите вечни комшии, пријатели и познајници от хубавото Крушево и неговите китни села, без разлика на вера, народност, пол и убежденија, не можејќи веќе да трпиме тиранијата на жедните за крф и гладните за чоечко месо муртати, шчо гледаат и нас и вас да дотерат до нош, и нас и вас да дотераат до питачки стап и нашата мила и богата земја Македонија да заприлегат на пуста пустиња, денеска дигнафне глава и решифне со пушка да се браниме от тие наши и ваши душмани и да добиеме слобода.

Вие мошне арно знајте оти ние не сне лоши и разбирате оти от мака си ја кладофне главата в торба, за да заживејме како браќа на оваја земја, ние ве имаме како сфои и сакаме до крај да останиме сфои.

Ние не дигнафне пушка протиф вас – това би било страм за нас; ние не дигнафне пушка протиф мирнио, трудољубивио и чеснио турски нарот, шчо се прерануат, како нас со крваф пот – тој јет наш брат и со него сне живејале и пак сакаме да живејме; ние не излегофне да колиме и да грабиме, да палиме и да крадиме – доста ни сет зулумите на безбројните деребеи по нашата сирота и окрвавена Македонија; ние не излегофне да порисјанчуваме и да бесчестиме вашите мјаки и сестри, жени и ќерки; требит да знајте оти вашио имот, вашио живот, вашата вера и вашата чес ни сет толку скапи, колку шчо ни сет скапи нашите. Анџак, за да си завардиме имото, живото, верата и честа, ние сне зеле пушка.

Ние не сне муртати на сфојата земја, шчо не родила, ние не сне арамии и јанкесеџии, а ревољуционери пот клетва да умриме за правото и за слободата; ние се бунтуваме протиф тиранијата и протиф ропството: ние се бориме и ќе се бориме протиф муртатите, протиф арамиите, протиф зулумќарите и јанкесеџите, протиф насилниците на нашата чес и на нашата вера и протиф тие шчо смучат нашата пот, и експлоатират нашио труд. От нас, и от нашите села да не се плашите – никому зијан не ќа сториме.

Ние не само ве имаме како сфои браќа, туку и ве жаљаме како сфои браќа, бидејќи разбираме оти и вие сте робје како нас, робје на царо и на царските бегој, ефендии и паши, робје на богатите и на силните, робје на насилниците и на зулумќарите, шчо ја запалија царшчината од четирите страни и шчо не натераа нас да дигниме глава за право, за слобода и за чоечки живот. За право, за слобода и за чоечки живот ве каниме и вас да дојдите заедно да водиме борба!

Елате, браќа мусљумани, при нас да тргниме протиф вашите и наши душмани! Елате под бајрако на “Афтономна Македонија”! Македонија јет заедничка наша мајка и викат за помош. Елате да скршиме синџирите на ропството, да се куртулиме от маки и страданија, и да пресушиме реките от крвој и солзи!

Елате при нас, браќа да си слејме душите и срцата и да се спасиме, та ние и нашата чељат и пречељат да живејат мирно, да си работат спокојно и да напредуат!…

Мили наши комшии! Како Турци, Арнаути и мусљумани, разбираме, вие се си мислите, оти царстфото јет ваше и оти вие не сте робје, шчом на царскио бајрак немат крст, а имат ѕвезда и месечина. Оти не јет така и оти грешите, вие брго ќе се сетите и ќа го разберите. Ама ако ви јет намуз да дојдите при нас и да се објавите протиф царската тиранија, ние, вашите по таткојна и по страданија браќа, немат да се докачиме и не ќа ве мразиме.

Ние сами ќа се бориме и за нас и за вас, ако јет потребно, до еден ќа умриме пот бајрако за нашата и ваша слобода и за нашето и ваше право. “Слобода или смрт” јет писано на нашите чела и на нашио крваф бајрак.

Ние веќе го дигнафне тој бајрак и немат враќање. Ако и вие нe имате како ваши браќа и ни сакате доброто, ако есапите пак да живејте со нас, како шчо сте живејале до сега и ако сте верни и достојни синој на мајка Македонија, можите да ни поможите само со едно нешчо – а тоа јет голема помшт. да не се заортачите со душманите, да не дојдите со пушка протиф нас и да не прајте зулуми по рисјанските села!

Нека Господ Бог да благослојт светата борба за правото и слободата!

Нека сет живи борците за слободата и сите чесни и добри македонски синој!

Ура! За “Афтономна Македонија”!

ШТАБОТ НА КРУШЕВСКИТЕ ВОСТАНИЦИ ГО ОБЈАВУВА ВОСТАНИЕТО

2 Август 1903 г.

Слобода или смрт!

Штаб на крушевските востаници
Но1219
Гората, 1903

До раководителот на Крушевскиот околиски револуционерен комитет и до началниците на грчките, влашките и албанските групи

Браќа

Брзаме да ви го честитаме востанието! Денеска цела Крушевска околија заедно со цела Македонија крена востание и вика:Долу тиранијата!Да живее слободата и рамноправноста меѓумакедонските народности! Камбаните насекаде бијат, народот со чудесна радост се прибира под знамето на слободата.Момите и невестите ги китат со цвеќиња главите и пушките на востаниците!

До што турчин се најде по патиштата и селата, се фати и е пленик и залог.Насекаде пеење, радост и веселба.Гориме од нетрпеливост и ќекаме ноќ, за да дојдеме и да го заземеме Крушево, та заедно со целиот народ да ГО ИЗВИКАМЕ ПОБЕДОНОСНОТО МАКЕДОНСКО УРА!

Бог и правото се со нас!

Да живее Македонија!““.

Под него се потпишани Питу Гули, Иван Алабак, Андреја Димов,Ѓурчин Наумов и Ташко Карев.

Штаб: Никола Карев, Томо Никлев, Тодор Христов, Антиноген Хаџов.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Здружението на преведувачи и толкувачи: Остро се спротиставуваме на негирањето на македонскиот јазик од страна на официјални лица од Бугарија

Редакција

За апсурдните барања на Бугарија се јавија и македонските интелектуалци

Редакција

МАНУ за спорот со Бугарија: Подршка за интегрирање во ЕУ, но пред се на идентитетот

Редакција