еМагазин
Image default
Ретро ТОП СТОРИИ

Знате ли што пишува во Охридскиот договор?

Денеска се одбележуваат 20 години од потпишувањето на Охридскиот договор, кој стави крај на воениот конфликт во 2001 година.

Преговорите за потпишување на Договорот се одвиваа во Вилата Билјана во Охрид во текот на јули и август 2001, каде што е и парафиран договорот на 10 август 2001, па оттаму името Охридски договор.

Преговорите траеја речиси еден месец и во нив учествувале тогашниот претседателот на Македонија, Борис Трајковски, претставниците на политичките партии: Бранко Црвенковски, претседател на СДСМ, Љубчо Георгиевски, претседател на ВМРО-ДПМНЕ, Имер Имери, претседател на ПДП, и Арбен Џафери, претседател на ДПА, потоа претставници на ЕУ: Франсоа Леотар и Хавиер Солана, претставници на САД: Питер Фејт и Џејмс Пердју, разни советници и експерти: Владо Поповски, Љубомир Фрчковски и други.

Преговорите биле мошне напнати, бидејќи се одвивале паралелно со вооружени непријателства помеѓу двете страни. Во неколку наврати постоела можноста да се прекинат преговорите и конфликтот да ескалира во отворена граѓанска војна.

Според книгата на Петрит Менај, „ОНА-порака и надеж“, во преговорите индиректно, т.е. телефонски бил консултиран и Али Ахмети, иако тој формално не бил учесник на преговорите.

Што пишува во Договорот?

Рамковниот договор целосно и безусловно ја отфрла употребата на насилството за остварување на политичките цели. Само мирни политички решенија можат да ја гарантираат стабилната и демократска иднина на Македонија.

Суверенитетот и територијалниот интегритет на Македонија и унитарниот карактер на државата се неповредливи и мора да се сочуваат. Не постојат територијални решенија за етничките прашања. Во тој контекст, Договорот предвидува целосен прекин на непријателствата, разоружување на етничките албански вооружени групи и нивно целосно распуштање.

Охридскиот договор потенцира дека развојот на локалната самоуправа е од најголемо значење за почитување на идентитетот на заедниците. Со Рамковниот договор се предвидува да се ревидира Законот за локална самоуправа со кој ќе се зајакнат овластувањата на избраните локални претставници и значително ќе се зголемат нивните надлежности во согласност со Уставот и Европската повелба за локална самоуправа.

Договорот предвидува целосно почитување на принципот на недискриминација и рамноправен правичен третман на сите лица пред законот. Овој принцип особено ќе се применува во однос на вработувањата во јавната администрација и јавните претпријатија. Во Уставниот суд, една третина од судиите ќе се избираат од страна на Собранието, со мнозинство од вкупниот број на пратеници, припадници на заедниците. Истата постапка важи и за изборот на Народниот правобранител и на тројцата членови на Судскиот совет.

Новина е што на централно ниво, уставните амандмани и Законот за локална самоуправа нема да можат да се усвојат без квалификувано двотретинско мнозинство, при што ќе мора да има мнозинство од гласовите на пратениците што припаѓаат на заедниците. Истиот принцип важи и за донесување на закони што директно ги засегаат културата, употребата на јазикот, образованието, личните документи и употребата на симболи, како и законите за локално финансирање, локални избори, градот Скопје и за општинските граници.

Во однос на основното и средното образование, наставата ќе се изведува на мајчините јазици на учениците. Финансирање од страна на државата ќе се обезбеди за високо образование на јазиците на коишто зборуваат најмалку 20% од населението во Македонија. Низ цела Македонија и во нејзините меѓународни односи службен јазик е македонскиот јазик. Кој било друг јазик што го зборуваат најмалку 20% од населението, исто така е службен.

Во однос на симболите, Охридскиот договор предвидува непосредно до симболот на Македонија, локалните власти да може на предната страна од локалните јавни објекти да постават симболи со кои се обележува индентитетот на заедницата која е мнозинство.

Договорот е составен од три анекси: анекс А за уставни амандмани, анекс Б за измени во законодавството и анекс Ц за имплементација и мерки за градење на доверба.

Во анексот А стои дека сегашната Преамбула на Уставот на РМ се заменува со јазик заснован врз концептите на поединечни права и граѓанско општество:

„Граѓаните на Република Македонија, преземајќи ја одговорноста за сегашноста и иднината на нивната татковина, свесни и благодарни на своите предци за жртвите и посветеноста во нивните заложби и борба за создавање на самостојна и суверена држава Македонија и одговорни пред идните генерации за зачувувањето и развојот на се што е вредно од богатото културно наследство и соживотот во Македонија…“

Анексот Б предвидува измени во законодавството. Предвидено е донесување на повеќе закони меѓу кои и Законот за локална самоуправа, Законот за локално финансирање, за територијална поделба, за изборни единици, потоа нов деловник на Собранието, закони што се однесуваат на употребата на јазиците и други.

Анексот Ц се однесува на имплементацијата на Договорот и мерките за градење на доверба. Овде се регулирани прашањата за пописот, изборите, враќањето на бегалците и улогата на меѓународната заедница.

Александар Илиев во книгата “Улогата на разузнавањето во противбунтовништво“, од 2014 година, наведува дека содржината на Охридскиот рамковен договор во основа ги содржи гледиштата на САД за потребни реформи во Македонија изнесени уште во периодот од 1994 до 1996 година, а кои се однесувале на човековите права и правата на етничките Албанци, но не и првичните барања на ОНА за отцепување на албанските области од Македонија.

Користени материјали од Википедија

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

(Видео) Украинците тврдат дека го погодиле со проектил: Потона „Москва“, главниот брод на руската Црноморска флота

Редакција

Во оваа фаза не гледам причина за укинување на ветото, одамна поставивме пет услови, вели Јотова

Редакција

Прифатено обвинението за „Рекет“: Наскоро ќе биде закажано првото рочиште

Редакција