еМагазин
Image default
Македонија

ЗНМ реагира што новинарката на МРТВ Гордана Ѓорчева била водителка на Конференцијата на Унија на жени на ВМРО-ДПМНЕ

Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) ја повикува Македонската радио телевизија да го истражи случајот каде нивната вработена новинарка Гордана Ѓорчева, на 18-годишнината на Конференцијата на Унијата на жени на ВМРО-ДПМНЕ, се појави во улога на водител.

„ЗНМ смета дека со овој ангажман колешката Гордана Ѓорчева го прекршила Изборниот законик, каде во членот 75-в е наведено дека: „Уредници, новинари, водители на програма и презентери, ангажирани во подготвување програми на радиодифузерите, не смеат да учествуваат во предизборни активности на политички партии, коалиции, групи избирачи и нивни претставници, односно учесници во изборна кампања“.

Во Изборниот законик е предвидена и мерка доколку новинарот сепак се одлучи да настапи на партиски собир и таа гласи: „Доколку се определат да учествуваат во вакви активности, нивниот ангажман во програмите на радиодифузерите им мирува од денот на распишување на изборите до нивното завршување“, велат од ЗНМ.

Покрај тоа што со овој ангажман новинарката Ѓорчева го прекршила Изборниот законик, ЗНМ смета дека таа го прекршила и етичкиот кодекс на Македонската радио телевизија.

Имено, според членот 41 од кодексот на МРТ: „Новинарот мора да биде веродостоен. Новинарот мора да биде професионален и етички веродостоен, односно независен во обавувањето на својата работа. Не смее на никаков начин јавно да изразува поддршка на активности или постапки на политички партии“. Понатаму во Кодексот се вели дека: „Новинарите во информативните програми на МРТ мора да избегнуваат политички јавни настапи од секаков вид коишто се објективно непримерни во однос на работата што ја извршуваат, ја менуваат нивната слика во јавноста или го намалуваат нивниот професионален и јавен кредибилитет“.

“Сметаме дека менаџментот на јавниот сервис мора сериозно да се заинтересира и да постапи по овој случај и да внимава во иднина слични случаи да не се повторуваат. Истовремено, ја повикуваме и Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, како надлежна за овој случај, да излезе со свој став во јавноста и да даде насоки за медиумите и политичките партии“, се вели во соопштението на ЗНМ.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Тетово му се приближува на Чаир по бројот на активни случаи на Ковид-19

Редакција

„Бомбата“ за градоначалникот Курто Дудуш стигна во Обвинителство

Редакција

(ВИДЕО) Навивачите на „Шкендија“ демолираа низ Тетово, ширеа говор на омраза и повикуваа на насилство

Редакција