Бојан Јовановски (Боки 13) и Зоран Милески (Зоки Кичеец) осомничени во случајот „Рекет“, ќе останат во притвор уште 30 дена, соопшти Кривичниот суд во Скопје.
– Кривичниот совет на Одделението за гонење организиран криминал и корупција при Основниот кривичен суд Скопје, денеска ( 13.09.2019 ) постапувајќи по предлог на надлежниот Јавен обвинител за продолжување на мерката притвор против Б.Ј. и З.М. донесе решенија со кои предлогот
на обвинителството се уважува и мерката притвор се продолжува за нови 30 дена поради постоење на причините од член 165 ст.1 т.1,2 и 3 од ЗКП, информираат од Судот.
Против овие решенија странките имаат право на жалба до Апелацискиот суд Скопје.
Јовановски и Милевски – Зоки Кичеец, Обвинителството ги товари за кривично дело „примање награда за противзаконито влијание“, а првоосомничениот Јовановски и за „перење пари и други приноси од казниво дело“.
На Јовановски и Милевски по трет пат им се продолжува притворот. Првпат им беше одреден на 15 јули годинава.
Третоосомничена за „Рекет“, е специјалната обвинителка Катица Јанева, која е исто така во притвор.
Што пишува во член 165 од ЗКП?
Во член 165 од Законот за кривична постапка (ЗКП) се дефинирани основите за определување на притвор.
Во делот од овој член кој го посочуваат од Кривичниот суд стои:
(1) Ако постои основано сомневање дека определено лице сторило кривично дело, доколку притворот е неопходен за непречено водење на кривичната постапка, против тоа лице може да се определи притвор, ако:
1) се крие, ако не може да се утврди неговиот идентитет или ако постојат други околности што укажуваат на опасност од бегство;
2) постои основан страв дека ќе ги сокрие, фалсификува или уништи трагите на кривичното дело или ако особени околности укажуваат дека ќе ја попречува кривичната постапка со влијание врз сведоците, вештаците, соучесниците или прикривачите;
3) особени околности го оправдуваат стравот дека ќе го повтори кривичното дело, или ќе го доврши обиденото кривично дело или дека ќе стори кривично дело со кое се заканува.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
За уште еден месец продолжен притворот на Боки 13
Боки 13 бил примен на Торакална хирургија со болки во желудникот
Фото: Влада