Центарот за граѓански комуникации (ЦГК) направи рангирање на институциите според антикорупциските перформанси во јавните набавки.
Во рангирањето се опфатени Владата, министерствата и општините според 32 индикатори за антикорупциските перформанси во јавните набавки.
Институциите се сместени во три зони – црвена, жолта и зелена зависно од освоените поени за начинот на којшто ги спроведуваат јавните набавки. 100% значи максимална, а 0% никаква заштита од корупција.
Според рангирањето 4 министерства и 43 општини се наоѓаат во црвената зона, односно нивните јавни набавки се спроведуваат со ниско ниво на заштита од корупцијата, бидејќи имаат освено помалку од 50%.
Ниту една институција не се наоѓа во зелената зона, на висока заштита од корупција, со остварување на антикорупциските перформанси од над 80%.
Најголема изложеност на корупција имаат Министерството за образование и наука, Министерството за внатрешни работи, Министерството за животна средина и просторно планирање и Министерството за политички систем и односи меѓу заедниците, покажува рангирањето.
Кај општините, најниско ниво на остварување на антикорупциските перформанси во јавните набавки е утврденo кај Кратово и Гостивар. Во црвената зона е и Градот Скопје, како и 40 други општини.
Најдобри перформанси кај министерствата имаат Министерството за одбрана и Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, со ниво на остварување на антикорупциските перформанси од 72%.
Кај општините, најдобри антикорупциски перформанси во јавните набавки има Општина Кавадарци, со 70%, како и Велес и Пробиштип, со 66%.
-Ниското ниво не мора по секоја цена да значи корупција во јавните набавки на таа институција, туку дека не се преземаат сите можни мерки кои треба да ја спречат, и оттука можноста таа да се случи во овие институции е повисока, велат од ЦГК.