Во акција на полицијата во Струмица, Гевгелија, Струга и Демир Капија за сузбивање на група инволвирана во организирање, набавка, продажба и пуштање во промет на марихуана денеска се приведени 10 лица, меѓу кои е и поранешниот градоначалник на Ново Село, Боро Стојчев.
Медиумите јавуваат дека меѓу приведните е и синот на поранешниот градоначалник на Гевгелија, Иван Франгов од ВМРО-ДПМНЕ, Симе Франков.
Групата на црниот пазар продавала марихуана легално одгледувана во фабрика за медицински канабис, во сопственост на синот на Стојчев.
-Имено, од октомври 2023 година кога започна акцијата преземени се повеќе оперативно-тактички мерки и активности за сузбивање на групата.
Денеска, полициските службеници од слобода лишиле 10 лица, од кои четири од Гевгелија, три од Струмица, две од Струга и едно лице од Демир Капија. Притоа, извршени се претреси на четири локации во Струмица, Струга, Гевгелија и Битола и обезбедени се материјални докази, односно пари и поголема количина на наркотична дрога која потекнува од правен субјект регистриран за извршување на дејност одгледување на зачински, ароматични и лековити растенија наменети за медицински цели.
Приведените лица ќе бидат изнесени пред судија на претходна постапка, пронајдената дрога ќе биде дадена на вештачење, а по целосно документирање на случајот, во координација со јавен обвинител, ќе биде поднесена кривична пријава по член 215 став 3 од Кривичниот законик – „неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурсори”, информираа од МВР.