Врз основа на редовната квартална оцена на системските ризици и последните расположливи податоци, Извршниот одбор на Народната банка донесе одлука за задржување на стапката на противцикличниот заштитен слој на капиталот за изложеностите на банките во Македонија во висина од 1,75%, којашто ќе се применува и во четвртото тримесечје од 2025 година, информираат од Народна банка.
Противцикличниот заштитен слој на капиталот е макропрудентна мерка, со која се делува превентивно и се зајакнува капиталната сила на домашните банки, а со тоа и отпорноста на банкарскиот сектор.
-На седницата на Извршниот одбор беа земени предвид повеќе показатели за макроекономското окружување, пазарот на недвижности и банкарскиот систем. Беше оценето дека задржувањето на противцикличниот заштитен слој на капиталот на 1,75%, по неговото зголемување во неколку наврати, е во согласност со постепеното стабилизирање на макроекономскиот контекст, понатамошниот раст на цените на недвижностите, како и солидната кредитна активност на банките – раст од 6,5% на годишна основа заклучно со првата половина од годинава.
Банкарскиот систем и натаму е сигурен и стабилен во услови на ниско системско остварување на кредитниот ризик, со солидна профитабилност и солвентност и соодветно ниво на ликвидност, додека редовните стрес-тестови ја потврдуваат отпорноста на банкарскиот систем на различни шокови.
Народната банка и во иднина внимателно ќе ги следи системските ризици и ќе ја преоценува висината на стапката на противцикличниот заштитен слој на капиталот на редовна квартална основа, велат од таму.