Крилото на Алијанса за Албанците (АА) предводено од министерот за здравство Арбен Тарвари, по одлуката да настапи самостојно на престојните локални избори, излегува и од Владата, што и се очекуваше.
Ваква одлука крилото донесе вчера, а топ тема во јавноста следните денови ќе биде кој ќе биде нов министер за здравство, но и кој ќе ги земе другите владини позиции на крилото.
Лидерот на Беса, Биљал Касами, дел од коалицијата „Вреди“, која е во процес да стане партија, во интервју за 360 степени најави дека може да се очекува и мини реконструкција на Владата и не ја исклучува можноста да има рокади во министерствата со ВМРО-ДПМНЕ.
Тој исто така рече дека во следните денови ќе се знае и дали сите пет пратеници на Таравари ќе останат со него или ќе му се придружат на “Вреди“. Тој тврди и дека ќе има “прелети“ и на други пратеници од опозицијата.
За нов министер за здравство веќе се шпекулира со името на актуелната министерка за образование и наука, Весна Јаневска, која денеска изјави дека за тоа ќе одлучува премиерот Христијан Мицкоски.
ВМРО-ДПМНЕ пак вечерва има седница на Извршниот комитет, по која се очекува да биде појасно во кој правец ќе се движат работите.