Крешник Бектеши, поранешниот министер за економија, потврди дека му пратил порака на началникот на СВР Охрид, за време на последните парламентарни избори.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Кривична за поранешниот министер Бектеши за дело поврзано со изборите
Тој дури и ја објави на Фејсбук.
-Секоја Ви чест. Јаки сте. Срамота треба да Ви е, што се занимавате со млади луѓе, стои во пораката која била испратена на 7. мај.
Како што веќе објавивме охридската полиција му поднесе кривична пријава за делото „попречување на правда“, бидејќи му упатувал пораки на началникот на СВР Охрид по полициски активности по пријавени сомнежи за изборни нерегуларности.
Засега не е познато дали има и други пораки или е само оваа.
Бектеши вели дека пријавата ја смета за политички прогон.
-На 7. мај во својство на координатор на Европскиот фронт во Изборната единица 5 добив информација, од штабот на Европскиот фронт во Охрид дека на денот на изборниот молк бил проверуван шефот и членовите на изборниот штаб, од страна на охридската полиција, што е директна полициска интервенција во изборниот процес, наведува тој.
Вели и дека „должноста на раководителот на секторот е да обезбеди фер и демократски избори“, а за пораката вели дека ја испратил како „човек кој има одговорност и за изборниот процес.“
Од неговата партија, опозициската ДУИ, пријавата ја окфалификуваа како неоснована, а според нив истата имала за цел дискредитација на партијата и нивните претставници.
-Демократската унија за интеграција ги осудува политички мотивираниот ‘лов на вештерки’ кој е насочен кон нашиот поранешен министер за економија, Крешник Бектеши, и ДУИ како политичка организација.
Неоснованите обвинувања за ‘попречување на правдата’ против него се последните во серија неосновани обвинувања и закани кои имаат за цел дискредитација на нашата партија и нејзините претставници, стои меѓудругото во реакцијата од ДУИ.
Фото: МЕ