Владата на денешната седница ја тргна забраната за слетување на авионот на рускиот министер за надворешни работи, Сергеј Лавров, кој сака да присуствува на министерскиот Самит на ОБСЕ, кој ќе се одржи во Скопје.
Министерството за надворешни работи и Министерството за одбрана треба да ја донесат конечната одлука дали Лавров ќе може да допатува во Македонија.
-Владата донесе дополнување на Одлуката за воведување рестриктивни мерки во поглед на активностите на Руската Федерација со која се ограничува пристапот на воздухопловот на Руската Федерација, а согласно со Регулативата на Советот на ЕУ од Заедничката надворешна и безбедносна политика на Унијата, со која Република Северна Македонија е целосно или 100% усогласена, информираа од таму.
Преку ова дополнување, Влада им пренесе овластување на надлежните министерства сами да можат да одлучат за издавање одобрение за прелет и слетување на рускиот воздухоплов за време на одржување на триесеттиот министерски состанок на ОБСЕ во Скопје, во период од 29 ноември до 1. декември 2023 година.
-Дополнувањето е согласно регулативата на ЕУ и одредбите во самите рестриктивни мерки со кои за меѓународните конференции како што е ОБСЕ се предвидени исклучоци за предметните рестрикции, велат од таму.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Ќе дојде ли рускиот министер Лавров во Скопје за Самитот на ОБСЕ, процедурата е почната