еМагазин
Image default
Бизнис ТОП СТОРИИ

Грчки ЕДС, во конзорциум со фирма со еден вработен се јави на тендерот за универзален снабдувач со струја

На јавниот повик за доделување на договор за нов универзален снабдувач со електрична енергија, се јавиле ЕВН Македонија, ЕСМ продажба и ЕДС во конзорциум со Пан интертрејд, информираа од Владата.

„Согласно информациите на Комисијата, до објавениот рок пристигнати се понуди на три економски оператори, кои имаат понудено бруто маржи од: 11,4%, 11,4% и 11,45%.

Најпрво се отвори понудата со архивски број 09-663/1 од 11.01.2024 година, пристигната во 11:30 часот. Се констатира дека станува збор за група понудувачи ЕВН Македонија електроснабдување ДООЕЛ Скопје – носител, и ЕВН Македонија АД Скопје – член на групата. Понудената бруто маржа во оваа понуда изнесува 11,4%.

Втора понуда која беше отворена со архивски број 09-663/2 од 12.01.2024 година, пристигната во 10:40 часот. Се констатира дека станува збор за ЕСМ продажба ДООЕЛ Скопје. Понудената бруто маржа во оваа понуда изнесува 11,4%.

Третата понуда која беше отворена со архивски број 09-663/3 од 12.01.2024 година, пристигната во 14:10 часот. Се констатира дека станува збор за Група понудувачи ЕДС АД Скопје, Пан интертрејд ДОО Скопје. Понудена бруто-маржа во оваа понуда изнесува 11,45%.

Според процедурата, после евалуацијата на економско-финансиската и на техничката способност на понудувачите, економските оператори чии понуди ги исполнуваат условите согласно критериумите наведени во тендерската документација ќе бидат поканети да учествуваат на негативно наддавање преку електронска аукција, пришто како почетна вредност ќе се земе најниската од понудените маржи на економските оператори чии понуди ги исполнуваат условите согласно критериумите наведени во тендерската документација.

Понудувачот кој на електронската аукција ќе понуди најниска маржа ќе биде поканет да го потпише Договорот за универзален снабдувач со електрична енергија. При отворањето на понудите, присутни беа и овластени претставници на дел од економските оператори кои имаа доставено понуди, и истите немаа никакви забелешки за процесот на отворање на понудите.

Постапката треба да се заврши во рок од шест месеци од денот на објавувањето во Службен весник на одлуката на Владата на Република Северна Македонија за отпочнување на постапката за избор на универзален снабдувач на електрична енергија, која е објавена на 20.10.2023 година.

Комисијата ќе настојува да ја заврши евалуацијата во текот на наредната недела, по што ќе следи јавно наддавање кое би се случило до крајот на овој месец“, велат од Влада.

Телевизијата Телма објави дека Пан интертрејд e фирма во ликвидација во Србија, а во Скопје e со еден вработен.

Според информациите на телевизијата, компанијата функционира во Скопје со годишен обрт од 500 илјади евра, а ЕДС со која настапиле во конзорциум, има финансиски проблеми поради енергетската криза.

Компаниите кои сакаат да бидат нов универзален снабдувач покрај останатите услови треба да имаат и работен капитал од 40 милиони евра, па оттука се отвора прашањето дали овој конзорциум ги исполнува условите, објави телевизијата.

Фото: Unsplash

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Топ пет најтргувани акции на Македонската берза

Редакција

Според Спасовски изборите поминале со незначителен број неправилности и без сериозно нарушување на јавниот ред и мир

Редакција

Само еден од новопочинатите од корона вирусот имал контакт со потврден случај

Редакција