еМагазин
Image default
Македонија ТОП СТОРИИ

Државата мора да остане на патот на европските интеграции, порача Пендаровски во годишното обраќање во Собранието

Претседателот Стево Пендаровски во своето последно годишно обраќање во Собранието акцентот го стави на евроинтегративниот процес на Македонија и меѓудругото порача дека државата мора да остане на патот на евро интеграциите без оглед на тоа која извршна власт ќе раководи по изборите следната година.

Тој рече дека евентуалното забавување, уште повеќе, целосното запирање на европските интеграции нема да се одрази добро врз ниту една сфера од општественото живеење, почнувајќи од економијата, па, сѐ до меѓуетничките односи.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Годинава подршката кај граѓаните за членството во ЕУ на најниско ниво

-Ентузијазмот меѓу граѓаните за членство во Унијата драматично опаѓа, се наоѓаме на критична точка и ова е последната шанса да ја сочуваме мнозинската поддршка за преговорите кои секогаш имаат неутрализирачки ефект наспроти структурите кои сакаат да ја поткопаат демократијата.

Последните одлуки на Европскиот совет, за жал, го потврдија песимистичкото сценарио за Западниот Балкан, кое некои дипломатски кругови го најавуваа од почетокот на војната во Украина. Неспорно е дека ние не ја завршивме нашата домашна задача во однос на преземените обврски, но, тешко е да се пронајде логика и во последните одлуки на Брисел со кој практично беше целосно заобиколен регионот, што сигурно дополнително ќе придонесе за опаѓање на атрактивноста на проектот наречен „Обединета Европа“.

Изјавата дека ќе биде геополитичка катастрофа ако Украина и Молдавија добијат приоритет во однос на Балканот не е моја, ниту на некој македонски политичар, туку на австрискиот министер за надворешни работи во која се содржани сите наши фрустрации и изневерена надеж, рече тој.

Се осврна и на уставните промени, нагласувајќи дека идниот состав на Собранието ќе мора да ја продолжи дебатата врз реални основи и со далеку почесен однос кон македонската јавност.

-Кристално јасно е дека Европската рамка не може да се промени на подобро, ниту билатералниот договор со Бугарија, независно кој е на власт во Брисел или во Софија, рече Пендаровски и во тој контекст го спомена Самитот на НАТО во Букурешт во 2008 година, на кој, како што рече, како член на македонската делегација, директно сведочел за пропуштената историска прилика, поради национално неединство и ситни партиски калкулации.

Потенцираше дека со одлагање на уставните промени ќе се пропушти уште една прилика која може, како што рече, да не чини најмалку уште една деценија надвор од интеграциите, а тоа ќе значи, помал економски прогрес, полош стандард за граѓаните и поголемо иселување.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Само 24% од граѓаните се за промена на Уставот за внесување на бугарското малцинство

Зборуваше и за македонско-бугарските односи, нагласувајќи дека Бугарија направила серија лоши потези, кои довеле до заладување на односите, но додаде дека во интерес на Македонија е да има продуктивна соработка со сите соседи.

Говореше и за негативните последици кои ги има поделеноста на македонското национално ткиво.

-Поделбите во македонското национално ткиво за ова прашање се контрапродуктивни за виталноста на нашата кауза. Во таа смисла, обновените странски пропаганди „одлично“ си ја вршат својата работа, практично без прекин, повеќе од еден век, така што нема потреба ние дополнително да копаме за да го продлабочиме јазот меѓу нас.

Истовремено, крајно неодговорно е да си играме со чувствата на Македонецот и на темата страв од наводно губење на идентитетските атрибути да печалиме ситни политички поени. И ова сум го кажал многу пати досега, но, морам да го повторам: доколку обезличувањето на Македонецот е патот по кој треба да одиме за да стигнеме до Унијата, не познавам некој кој е подготвен да чекори по тој пат, рече Пендаровски.

Фото: Кабинет на претседателот

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

СЈО: Јанакиески и Божиновски се подготвувале да избегаат како Груевски

Редакција

Каков имот пријавил Ѓонул Бајрактар, наследникот на Мизрахи

Редакција

Завршена армирано-бетонската конструкција на првата од четирите станбени кули на проектот „Diamond of Skopje“

Редакција