еМагазин
Image default
Македонија ТОП СТОРИИ

Единствено можно решение е уставни измени со одложено дејство, тоа би било вин решение и за Бугарија, кажа Сиљановска Давкова во годишното обраќање во Собранието

Единствено можно решение е уставни измени со одложено дејство. Тоа би било вин решение и за Бугарија, кажа меѓудругото македонската претседателка Гордана Сиљановска Давкова во годишното обраќање во македонското Собрание, која повика на обединување во однос на евроинтеграциите и на консензус меѓу власта и опозицијата околу заедничките државни интереси.

-Предложивме излезно решение дури и за едно нерационално барање. Со креативно интерпретирање на Преговарачката рамка, односно Заклучоците, сметаме дека единственото можно решение би било она за уставни амандмани со одложно дејство утврдено во Уставниот закон за спроведување на амандманите, што веќе неколкупати сме го примениле.

Во случајов, vacatio legis би се врзал, односно амандманот би стапил во сила по завршувањето на нашите преговори и ратификацијата на Договорот за нашето членство во ЕУ.

Ова би било вин решение за Бугарија зашто би го остварила своето барање, ама подоцна, а во меѓувреме, би ни помагала во евроинтеграциите, во духот на Преамбулата на Договорот за добрососедство и пријателство, свесна дека колку побрзо ќе завршат нашите преговори, толку побрзо таа ќе дојде до целта.

За нас, вин би била можноста да се занимаваме со европски реформи, наместо со балкански пречки и ние би брзале да ги завршиме преговорите. За двете држави вин-вин би било засиленото пријателство и докажаното добрососедство, рече Сиљановска Давкова.

Подвлече дека односот на Европската Унија (ЕУ) кон нас директно зависи од нашиот однос едни кон други и кон Копенхагенските критериуми, реформите, европеизацијата.

-Економските, судските, политичките, правните и други промени во насока на хармонизација со ЕУ стандардите, го јакнеа и ќе го јакнат нашиот кредибилитет и сами по себе не туркаат и приближуваат кон ЕУ.

Важно е да ја забразаме евроинтеграцијата, но крајно време е да постапуваме утилитаристички, мерејќи ги придобивките и загубите, антиципирајќи ги последиците од повторувањето на грешките со феноменот – уште сега, уште ова… одново и наново…, рече таа.

Претседателката оцени дека мора да укажуваме на неодржливоста на парадоксите, спротивни, како што рече, дури и на здравиот разум и логика.

-Ако 16 пати во 16 извештаи Европскиот парламент и Европската Комисија рекле „да“ за нас, а Европскиот совет рекол „не“, во прашање не е нашата неспособност, туку се работи за ЕУ демократски дефицит.

Ако во 15 извештаи не бил нотиран никаков проблем со малцинство, а одеднаш, во шеснаесеттитот, се појавил проблемот со бугарското малцинство, проблемот е проблематичен.

Ако има 14 пресуди против Бугарија во Судот за човекови права во Стразбург, а ЕУ пристапила кон Европската конвенција за човекови права и ја признала неговата јурисдикција. Како може да се толерира членка на ЕУ, која ја потпишала и ратификувала Рамковната конвенција за заштита на правата на малцинствата да одбива да ги спроведе пресудите на Судот во кој и самата има судија?

Впрочем, основното прашање не е дали некое малцинство, односно заедница е спомената во Преамбулата, туку дали во нормативниот текст на секое малцинство му се гарантираат малцинските права.

Како може ЕУ да дозволи нејзина членка да нема ниту еден збор во Уставот за гаранција на правата на малцинства, иако се тие гарантирани во член 2 на Лисабонскиот договор заедно со човековите права, а истата да бара од нас да го смениме Уставот, иако нашиот устав, во членот 48 и амандманот VIII гарантира широка заштита на правата на сите заедници, вклучувајќи ги и Бугарите, без оглед дали се споменати или не во Преамбулата, рече таа.

Претседателката посочи дека ако ЕУ сака да биде филозофија, односно заедница, а не обичен збир на делови, бирократска машинерија, мора да ги почитува основните вредности и принципи не само кога се во прашање нејзините членки, туку и кандидатите.

-Не попусто во Преамбулата на Лисабонскиот договор пишува дека ќе се продлабочува солидарноста и ќе се почитуваат историјата, културата и традициите на народите (алинеа 6). Ова е суштината на мотото „единство на различности“.

Зошто тогаш од нас се бара да трагаме по сличности, ревидирајќи ја историјата. Јас, на грчките соговорници, вклучувајќи го и амбасадорот на ЕУ, со најдобра намера им укажувам дека Република Грција има правна и морална обврска кога инсистира на pacta sunt servanda, да ги упати Бугарија и Европскиот совет на членот 7, став (3) во кој е утврдено значењето на зборот „Македонија“ за „втората страна“, онаа безимената, ние, како: територија и народ со своја историја, култура и јазик.

Значи, претходниве се ставени ad acta, односно решени. За што разговараме ние со Бугарија? За историја, култура и за јазик. Па, што стана со pacta sunt servanda?, рече претседателката.

Таа во своето обраќање потсети на Членот 4, став 2, на Лисабонскиот договор, којшто промовира еднаквост на земјите – членки, на нивните национални идентитети, врамени во политичките и уставните структури.

-Како тогаш европски функционери бараат од нас да го смениме Уставот за да почнеме преговори? Релевантен за нашава состојба е и членот 8 од Лисабонскиот договор кој упатува на склучување договори со соседите врз реципрочна основа.

Да потсетам, важноста на темелните вредности и приципи за ЕУ е толку голема што во членот 7 е предвидена постапка за суспедирање на одлучувачките права на онаа држава што ќе ги прекрши.

Зошто некоја членка на ЕУ не и укаже на Бугарија на оваа можност во одбрана на уставниот документ на кој се темели?, праша претседателката.

Рече и дека прашањето „Дали ќе го смените Уставот“, ја навредува и како професорка и како претседателка.

-Го знаете мојот одговор: прашањето е надвор од ЕУ уставните норми, а јас не можам и не смеам да гарантирам уставни промени, оти не сум апсолутен монарх кој не ја почитува поделбата на власта и параламентарната демократија. Уставот го носите и менувате само вие, кои ги претставувате граѓаните и гласате по вашето сопствено, а не по моето уверување, рече таа.

Таа укажа и на опасноста од билатерализација на процесот.

-Билатерализацијата на евроинтеграцијата не е опасна само за македонскиот случај, туку за севкупниот процес на проширување. Балканот е родното место на преседаните. А секој штетен преседан станува правило.

Билатерализацијата нема да заврши со македонскиот случај, напротив, се плашам дека ќе биде инспирира нови случаи. Така и тогаш ќе стане најголемата опасност за проширувањето како најважна геостратешка инвестиција на ЕУ во мирот, безбедноста, стабилноста и просперитетот.

Балканската пандорина кутија ќе стане европска пандорина кутија. Европската Унија има/имаше можност токму со македонскиот случај да спречи овој штетен преседан да прерасне во правило. Ја поздравувам германско-словенечката иницијатива за избегнување на вето поради билатерални прашања, но и критиката на сите други, нагласи таа.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Словенија и Германија подготвиле нон-пејпер: На патот кон ЕУ соседите да не се блокираат заради билатерални прашања

Повтори и дека членството во ЕУ беше и останува врвен македонски државен интерес и приоритет.

Фото: Кабинет на претседателката

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

(ВИДЕО) Потресни снимки од земјотресот во Албанија, неофицијално има и жртви

Редакција

Ер-тракторите ќе се вклучат во гаснење на пожари на планината Серта и Огражден

Редакција

Грција ги смени правилата: При влез од Македонија со негативен ПЦР или рапид тест, ќе има повторно задолжително тестирање

Редакција