Околу 85% од вкупниот број туристи кои сакаат алтернативен, спортски, селски или еколошки туризам, го посетиле Крушево. Ова го покажуваат резултатите од истражувањето направено на национален и локален репрезентативен примерок за Крушево во 2023 година.
Главни причини за посета на Крушево се наведуваат рекреација (59%), одмор (27%), односно 21% поради одреден настан (случување). Останати причини поради кои домашните туристи го посетуваат Крушево (пријатели/фамилија, планинарење, за работа (службено), етно туризам, скијање и непланирана посета на поминување) учествуваат од 8% до 16%.
Една третина од испитаниците последен пат во Крушево биле пред 3 или повеќе од 3 години. Од останатите, 23% го посетиле Крушево во текот на оваа (2023) година, 21% во текот на претходната (2022) година и 15% пред 2 години. Само 5% одговориле дека не се сеќаваат кога го посетиле Крушево, односно посетата се случила многу одамна.
Според локалното население, 46% од посетителите се домашни туристи и 35% се странски туристи.
Високи 95% од локалното население сметаат дека Крушево може да привлекува туристи преку целата година. Како месеци со најниска посетеност од туристите се есенските и зимските месеци (октомври, ноември, јануари и февруари) и рана пролет (во текот на март и април). Како главни причини за ниската посетеност според локалното население е недостигот на програма/настани што би привлекле туристи, слабата промоција на градот, стандардот на домашните туристи и квалитетот на сместувачките капацитети.
Локалното население мисли дека странските туристи најмногу доаѓаат за параглајдерство (90%) и планински туризам (41%), додека домашните туристи најмногу доаѓаат за планински туризам (70%), зимски туризам (67%) и посета на историски знаменитости (65%). Дополнително, според локалното население најголем број домашни туристи доаѓаат од Скопје, Прилеп и Битола (меѓу 42%-79%) и од Охрид, Велес, Струга и Куманово (11%-24%).
Главни атракции кои најчесто се посетуваат во Крушево од домашните туристи се Мечкин камен, Куќата на Тоше Проевски и Македониумот со 74% – 78%, соодветно. Со понизок процент на посетеност се црквата „Св. Никола“ во центарот на градот (46%), Крушевското езеро (37%), жичарата (33%), планинските и шумските патеки (33%) и скијачките патеки (25%).
Прва асоцијација за градот Крушево е Тоше Проевски (44%), потоа Илинденско востание (13%) и Мечкин Камен (11%). Сите останати асоцијации (Крушевска Република, природа и чист воздух, Црешово топче, Македониум, Скијање и планинарење, Параглајдерство и Крушевско Езеро) имаат учество пониско од 10%.
Дури 73% од испитаниците се согласуваат дека Крушево има потенцијал да биде (нај)позната туристичка дестинација во Македонија за алтернативен и еколошки туризам. Во врска со идната стратегија за остварување на целта Крушево да биде позната туристичка дестинација, домашните туристи и локалното население се согласуваат дека е потребна поголема реклама и промоција на градот, потоа поголем број културни, забавни и рекреативни содржини низ сите сезони и подобрување на инфраструктурата.
Истражувањето покажува дека 62% од локалното население смета дека Крушево не е соодветно промовирано и јавноста не е запознаена со градот како туристичка дестинација. Исто така и 74% од населението во државата (согласно националниот примерок) го делат истото размислување. За да се привлече вниманието за посета на Крушево, 87% од испитаниците од локалното население сметаат дека потребна е подобра комуникација за планинскиот туризам, параглајдерството (80%) и зимскиот туризам (72%).
Анализата посочува дека највисок процент или 48% од домашните туристи престојувале во приватен апартман/приватно сместување, додека 34% во хотел. Само 18% престојувале кај роднини/пријатели, додека 6% во сопствено сместување. На еднодневна посета биле 10% од испитаниците.
Од оние испитаници кои не го посетиле, највисок процент или 68% одговориле дека немале прилика да го посетат. Според 24% одговорот е „без особена причина“ и според 22% „не се наоѓа на попатна локација која што може да се посети при друго патување (да се застане по пат)“.
Меѓу останатите причини се „немам информација кои активности/настани/случувања се достапни во Крушево“ со 15%, со ист процент е и одговорот „секогаш сме избирале други места во Македонија“, „генерално, нема што да се види во Крушево (слаба понуда)“ со 10%, „не стигнала информација до мене дека Крушево е добра локација за посета и алтернативен туризам“ со 9% и „Градот не ги задоволува моите очекувања (тоа што мене ми треба)“ со 3%.
Сумирано, може да се заклучи дека покрај главните причини, дополнително за 30% од испитаниците кои не го посетиле Крушево, причина претставува недоволната информираност, додека за 13% причина е слабата и недоволна понуда. Истражувањето покажува дека високи 92% од испитаниците (од националниот примерок) ќе го посетат Крушево доколку има посебна промоција и понуда.
По овој највисок балкански град (Крушево) кои го посетиле 85% од испитаниците, следуваат Маврово со 69% и Берово со 51% посетеност од страна на домашните туристи. Сите останати локации вклучително Пелистер, Шар Планина, Преспански регион, Пониква, Лазарополе, Осоговски регион, Пехчево и Овче Поле се со пониска посетеност (под 50%).
Како најчеста причина за посета на овие места се идентификува потребата за рекреација (74%) и/или класичен одмор (38%). Останатите причини кои се вбројуваат, но имаат учество пониско од 30%, се посета на пријатели/фамилија, посета на настан (случувања), гастрономски туризам, планинарење, работа (службено), скијање, етно туризам и непланирано поминување.