Од Македонскиот клуб за етничка толеранција од Благоевград, Бугарија, информираа дека поднеле тужба против Европската комисија (ЕК) пред Судот на правдата во Луксембург, за да ја принуди Бугарија да го регистрира клубот и со тоа да го заштити европското право на асоцијација и здружување.
Со тужбата се бара од Судот на правдата на Бугарија да и ги прекине сите исплати на финансии што доаѓаат од Кохезивниот фонд во висина од 1.467 милијарди евра, се додека не го регистрира Македонскиот клуб за етничка толеранција, чија регистрација беше одбиена само зошто е македонска организација.
Ова е прв правен процес внатре во Европската Унија (ЕУ), кој се однесува на дискриминацијата врз Македонците во делови од ЕУ. Со оваа тужба, ЕК е приморана да даде одговор до Судот на правдата за кршењето на основните човекови права на Македонците во Бугарија.
Тужбата е поттикната и организирана од НовАсном, Македонското меѓународно движење за човекови права, Светскиот македонски лонгрес – Канада и поединци од цел свет.
Во 2022, овие организации поднесоа претставка против Бугарија во ЕК за непочитувањето на европското право, сметајќи дека Бугарија го крши членот 12 од Фундаменталните права на ЕУ, кој е дел од Договорот на ЕУ. ЕКсе прогласи за ненадлежна за овој случај, сметајќи дека нема надлежност да врши мониторинг на малцинските права во членките на ЕУ како Бугарија.
„Оваа одлука е неприфатлива – затоа, Македонскиот клуб за етничка толеранција цени дека Европската комисија го крши членот 317 од Договорот за Функционирање на ЕУ кој кажува дека Европската комисија мора да врши мониторинг и ревизија на земјите членки за да спречи кршење на фундаменталните права на ЕУ“, велат од Клубот.
Фото: Унсплеш