Прим. д-р Јасмина Ѓогиевска – Павловска, директорката на Клиниката за пластична и реконструктивна хирургија, специјалист по општа хирургија и супспецијалист по пластична и реконструктивна хирургијa, во интервју за „Република“ вели дека најголем дел од повредените во пожарот во т.н. дискотека во Кочани, во кој загинаа 59, а беа повредени 203 лица, имале изгореници од трет степен на рацете.
-Сите се бранеле од нешто што паѓало одозгора, вели таа и појаснува дека кај повредените кои имаат изгореници од прв и површен втор степен, раните би требало да се залечат меѓу 14-от и 20-от ден, а на останатите ќе им треба подолг третман, во зависност од големината на изгорената површина и од степенот на изгореницата.
-Ќе биде долг периодот, бидејќи потоа следи и физикална терапија за да се вратат во нормална функција екстремитетите, во случајов тоа се најчесто рацете.
Ниту еден од пациентите не е изгорен каде што имало алишта. Сите изгореници се на голите делови на телото. Сите претпоставуваме, ако бил пламен, тогаш би зафатило делови од телото кои биле покриени. Само претпоставка е дека тие изгореници се од нешто што паѓало одозгора, вели таа
За понудата на разни масти, балзами и кремови за изгореници, таа предупредува повредените да бидат многу внимателни и апелира тие да се преврзуваат во здравствени установи.
-Пациентите оваа година не смеат да излегуваат на сонце. Мора да користат заштитна крема со фактор 50, капа задолжително, дури и ракавици кај пациентите кои имаат изгореници на горните екстремитети, вели таа.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
На повреден во пожарот во Кочани му е извршена трансплантација на лице
На шест повредени во пожарот во Кочани им е трансплантирана кожа
Фото: МЗ