Возачот на автобусот на Јавното сообраќајно претпријатие „Скопје„ (ЈСП), Ферзи Арифи, кој вчера се качи на жардиниера кај Мавровка, тврди дека возилото било неисправно.
На прес-конференцијата која пред управната зграда на ЈСП денеска ја одржаа претставници на Конфедерацијата на синдикални организации, беше истакнато дека и покрај тоа што било алармирано дека автобусот е неисправен повторно бил пуштен во сообраќај како исправен.
„Го приметив автобусот дека не е исправен, го пријавив дефект и утредента истиот автобус го земаме со потпис и печат дека е сервисиран и е исправен за линија,“ рече Арифи, кој со години возел на линијата 2, и како што вели ги знае најситните дупки и не може такво нешто да му се случи.
Претседателот на Синдикатот, Марјан Ристески изјави дека инцидентот се случил, бидејќи бил неисправен воланот.
„Во тој момент се закочил и благодарение на присебноста и искуството на возачот не дојде до поголема несреќа. За овој автобус како и за други се пријавувало дека се неисправни, но не се сервисираат. Замислете, овој автобус пред неколку дена возел до Водно“, рече Ристески.
За време на прес-конференцијата, упадна директорот на ЈСП, Драги Кушовски, кој рече дека нема официјален извештај од МВР кои се причините за сообраќајката, дека воланот откажал.
„Да оставиме на службите да утврдат зошто е настаната ситуацијата. Возилото има технички преглед и е редовно сервисирано,“ рече Кушовски.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
(Фото) Автобус на ЈСП се качи на жардиниера кај Мавровка, три жени се повредени