еМагазин
Image default
Македонија ТОП СТОРИИ

Пилотите во пензија, нема кој да гасне пожари

Директорот на Центарот за управување со кризи (ЦУК), Стојанче Ангелов денеска информираше дека двајца пилоти кои учествувале во гаснење на пожари заминале во пензија, и останал само еден, со кој авионите не смеат да летаат.

Државата располага со четири функционални хеликоптер за гаснење на пожари од кои три се во рамки на Министерството за внатрешни работи (МВР) и еден на македонската Армија, како и три „Ер трактори“ на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС), но за жал во овој момент се нефункционални.

Проблемот, Ангелов очекува да се надмине од новата влада, бидејќи како што појасни иако директорот на ДЗС уште пред два и пол месеци побарал Владата да дозволи пензионираните пилоти да продолжат да работат со договор на дело, тоа техничката влада не го направила.

„Денеска сме недоволно подготвени, но за максимум десет дена ќе бидеме драстично повеќе подготвени, бидеќи верувам дека веднаш по формирањето владата ќе помогне да бидат ставени во функција трите „Ер трактори“ и ќе биде решен проблемот на ЈП „Македонски шуми“,“ изјави Ангелов, одговарајќи на новинарско прашање дали државата е подготвена за справување со летните шумски пожари.

Во ситуација, како што посочи Ангелов, кога не очекува топло и жешко лето, на ниво на државата моментално има 938 пожарникари, но потребни се уште 670 според информациите од сите територијални противпожарни единици.

Најалармантна, според Ангелов, е состојбата во Пожарна Скопје.

„Апелирам до сите градоначалници да примаат млади луѓе кои што се здрави и можат да одговорат на гаснењето на пожари. Во овој момент просечна старост на пожарникарите е 42,5 години,“ изјави Ангелов.

Фото: ДЗС

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

(Фото) Како Охриѓани реновираат купатило: Кадата ја фрлат во езеро

Редакција

Каков имот пријавил Горан Трајковски

Редакција

СОЗР на Владата набавува лимузина преку оперативен лизинг

Редакција