Министерството за образование и наука во соработка со УНИЦЕФ, професори од Институтот за психологија при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, Комората на психолози на Македонија и Црвениот крст, обезбеди зајакната психолошка поддршка за сите ученици во државата, која ќе биде поинтензивна во општините каде голем број млади, во несреќата во Кочани, загубија браќа, сестри, другари и соученици, информираше денеска министерката за образование и наука Весна Јаневска.
„Веднаш по трагичниот настан беа подготвени и испратени насоки до училиштата, наставниците и родителите за постапување во следниот период, односно за давање прва психолошка помош и психосоцијална поддршка.
Насоките се достапни на сите пет јазици на кои се изведува наставата.
Формирана е мрежа на 100 училишни психолози од Скопје, но и од други градови, кои ги насочуваме кон Кочани, Виница, Штип, Чешиново – Облешево и околните места, како поддршка на колегите во тамошните училишта, да работат со учениците, со нивните родители, наставниците и воопшто со граѓаните, а постапувајќи по посебен протокол подготвен за кризна интервенција“, рече Јаневска.
Досега 32 психолози ја минаа специјализираната обука, во која се вклучени Комората на психолози, Бирото за развој на образованието и УНИЦЕФ, и веќе обезбедуваат директна поддршка на терен. Преостанатите ќе се вклучат откако ќе ја поминат денешната обука.
На интернет страната на Министерството за образование и наука има листа со телефонски контакти на 40 психолози, членови на Комората на психолози на Македонија, кои се постојано достапни за разговор, односно за психолошко советување.
На листата се наоѓаат и наменски телефонски линии за прва психолошка помош на Црвениот крст кои се во функција 24/7.
Помош може да се побара и во центрите на Црвениот крст во секое време, како и во Центарот за ментално здравје во Кочани каде има претставници на Универзитетска клиника за психијатрија.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Отворена телефонска линија за психолошка поддршка на пациентите
Фото: Unsplash