еМагазин
Image default
Бизнис ТОП СТОРИИ

По успешната деловна година, НЛБ Банка ќе исплати дивиденда во висина од 36,6 милиони евра

Според резултатите презентирани на Годишното акционерско собрание, зад НЛБ Банка Скопје, уште една успешна година која ја одбележаа силната кредитна поддршка за бизнисот и населението и одржливото и одговорно делување, што резултираше со раст во сите сегменти од работењето и остварена нето-добивка од 52,3 милиони евра, информираат од таму.

На Собрание на акционерите беше усвоена Одлука за определување износ на дивиденда за 2023 година во висина од 36,6 милиони евра.

„Во 2023 година, и покрај бројните предизвици, инфлаторни и ценовни, нарушени синџири на снабдување, воени конфликти и намалени инвестиции во бизнисот, прилагодувајќи ги оперативните активности и ценовната политика на економските и пазарните услови, согласно промените во законските одредби и деловната стратегија на Групацијата, НЛБ Банка оствари позитивни деловни резултати во сите сегменти од работењето, а годината ја заврши со нето-добивка од 52,3 милиони евра што преставува годишен пораст од 32,2%,“ истакна на почетокот на своето обраќање до акционерите претседателот на Управниот одбор на НЛБ Банка, Бранко Грегановиќ.

Вкупната актива на Банката достигна 1,9 милијарди евра што е за 3,3% повеќе во однос на претходната година, при раст на кредитната активност од 4,3%, што се должи на раст на кредитите кај домаќинствата во однос на претходната година.

Во сегментот правни лица, Банката обезбеди значајна поддршка на проекти за унапредување на животната средина, инвестициони активности во областа на ЕСГ проекти со кои се овозможува зелена транзиција на клиентите, и во финансирање на бизнисот во севкупен износ од 273 милиони евра нови пласмани, додека уделот на нефункционалните пласмани се наоѓа на ниско ниво од 3,6% од вкупното кредитно портфолио. И вкупните депозити забележаа годишен раст од 2,6%.

НЛБ Банка ја заврши 2023 година со повисоки показатели за солвентност и капитализираност, во споредба со претходна година и го одржа високото пазарно учество и трендот на раст, што е уште еден показател за успешноста на Банката во поглед на обезбедувањето на континуитетот во работните процеси во услови на глобална економска неизвесност.

Со дигитализацијата на производите и услугите како една од стратешките определби, меѓудругото, Банката овозможи нови функционалности и подобрено корисничко искуство за клиентите, преку дигитализација на картичките и плаќање преку светски реномираниот Google Pay и воведувањето на Smart POS – мобилна апликација наменета за претприемачите за прифаќање на платежни трансакции засновани на платежна картичка, безконтактно на мобилни уреди.

Покрај одличните резултати, изминатата година ја одбележаа и низа општествени проекти на Банката со значаен импакт во заедницата во која делува, за што говорат бројните признанија и награди. Банката обезбеди донации за Асоцијација за цистична фиброза, како и за други граѓански организации и институции кои работат општествено корисни проекти, помош за ранливи категории, како и за погодените подрачја по поплавите во Словенија и силните земјотреси во Сирија и Турција, велат од таму.

Истовремено НЛБ Банка поддржа и низа проекти во областа на музиката, културата, уметноста и спортот: бројни концерти, манифестациите Охридско Лето и Галичка Свадба, професионални спортски клубови, Специјалната Олимпијада, а особен фокус беше ставен на развојот на младинскиот спорт преку проектот „Растеме во шампиони“.

Во 2023, пазарната цена на акцијата на НЛБ Банка Скопје забележа годишен раст од 25% и истата е во топ три најтргувани хартии од вредност на официјалниот пазар на македонската берза. Притоа НЛБ Банка е лидер меѓу котираните друштва од МБИ 10 индексот, со остварен дивиденден принос за 2023 година од 8,2%, посочуваат од таму.

На Собрание на акционерите беше усвоена и Одлука за определување износ на дивиденда и утврдување на дивиденден календар. Согласно Одлуката за употреба и распоредување на остварената добивка по годишна сметка и финансиските извештаи на НЛБ Банка Скопје за 2023 година, на акционерите ќе им биде исплатена дивиденда за 2023 година во бруто-износ од 2.251.304.796 денари или околу 36,6 милиони евра. Износот на бруто дивиденда по акција изнесува 2.636 денари.

„Водена од своите вредности, НЛБ Банка ќе продолжи со унапредување на капацитетите, со посебен акцент на дигитализацијата и вештачката интелигенција, проширување на палетата на производи и услуги преку продажба на различни банкарски и небанкарски продукти, подобрување на корисничкото искуство и зголемување на задоволството на клиентите, со фокус на зелените и општествено одговорни проекти.

Како системски значајна банка, НЛБ Банка и понатаму ќе делува во насока на подобрување на квалитетот на животот во заедницата, придонесувајќи кон одржлив економски, еколошки и социјален развој“, заклучи во својот говор до акционерите, претседателот Грегановиќ.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Затворена фабрика за производство на канабис за медицински цели во Струга

Редакција

Владата објави список со актуелните „тајни хонорарци„

Редакција

Фондацијата Сорос најавува повлекување од ЕУ и фокусирање на Западен Балкан

Редакција