Вознемирувачки резултати покажуваат вонредните инспекциски контроли во скопски Карпош.
Од 800 згради, само една во Општината ги исполнува сите законски прописи за безбедност.
Информацијата ја соопшти градоначалникот на Општината, Стевчо Јакимовски.
-Од контролата што е направена од нашите инспекциски служби, само една зграда е исправна и тоа е зградата на “Адора“. Значи само една зграда во Карпош е таква каква што треба, како што бара законот. За жал не можеме истото да го кажеме за другите згради, кажа тој.
Во Карпош има 820 згради и 1.500 влезови.
Покрај на згради, Општината извршила контроли и во кафулиња, ресторани, диско клубови и ноќни клубови.
-Од 115 проверени сите имаат ПП апарати, во 60 летните тераси се во ред, пишана е 21 казна, бидејќи воопшто не ја отпочнале постапката за обновување на дозволата и остатокот се во постапка за добивање на согласност во Град Скопје.
Морам да кажам дека два ноќни клубови не соработуваат со инспекторите. Тоа се клубовите „Пјур“ и „Мош“. Дури за едниот клуб, колегата има поведено постапка како дивоградба пред неколку месеци и кога го посетил сопственикот, го прашал зошто доаѓа. Тој му одговорил затоа што законот така бара, по што газдата му рекол дека и тој бил закон.
Јас одговорно тврдам дека овие сопственици на ноќни клубови се сива еминенција во средините каде што живеат и си дозволуваат малку повеќе од тоа што треба. Значи и покрај тоа што одбиваат соработка, ние ќе ја тераме постапката до крај и како што бара законот односно отстранување на нивните објекти, рече тој.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Кои клубови во Скопје се затворени
Список на 479. фирми од урбанизам и градежништвото кои може да останат без лиценци
Список на ноќни клубови низ Македонија кои поседуваат лиценца