Во пожарот на Шар Планина викендов изгорела површини од вкупно 170 хектари, информираа од Националниот парк (НП) Шар Планина.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
(Видео) Пожарот над тетовското село Вешала е локализиран
Од таму велат дека 10 вработени во Паркот оделе 90 минути пеш за да стигнат до пожарите за да се интервенира со метли и лопати, посочувајќи дека како единствена служба која се грижи за справувањето со пожарите во Паркот, цела Шар Планина, од Јажинце до Национален парк Маврово, располага само со неколку метли, лопати и напртњачи.
Поголем дел од изгорената површина или 70% е приватно земјоделско земјиште, мали парцели под приватни шуми, а остатокот е високопланинско пасиште, сопственост на Македонија.
Според евиденцијата на Управата на Паркот лани имало 12 пожари, а од почетокот на оваа година до сега, веќе има 10 пожари.
-Овие бројќи укажуваат на два проблема, и тоа промената на климата но и однесувањето на луѓето. Пожари имало и ќе има но во променети временски услови треба да ги адаптираме практиките на живеење. Пролетното и есенското чистење на отпадоците и палењето на пасиштата во услови на сува вегетација поради благите зими и намалени количества врнежи имаат катастрофални последици и за луѓето и за природата.
Цената по човечкиот живот и загубата на природата и биодиверзитетот немаат вредност. Во вчерашниот пожар жителите на Вешала изгубија вредни приватни имоти, прекрасна букова шума, поподложни се на поројни поплави и ерозивни процеси, изгубија и вредни собиралишта на смреки и боровинки, велат од таму.
Фото: Фејсбук/НП Шар Планина