Шестмина повредени во пожарот во Кочани се во многу критична состојба, информираше денеска министерот за здравство Арбен Тарвари.
Две лица од тие во критична состојба се лекуваат во Љубљана, Словенија, а четири во Воено-медицинската академија во Белград, Србија.
Во Македонија моментално се лекуваат 54 повредени, а во текот на вчерашниот ден на домашно лекување биле испратени 10 повредени. Сите, како што рече министерот, биле во релативно добра состојба.
Во Клинички центар во Скопје се лекуваат 27 повредени, во ГОБ „8 Септември“ – 11 повредени, во Градска општа болница – 10 повредени, а во приватните клиники шест повредени
Надвор од државата се лекуваат вкупно 115 повредени, а пет од нив се очекува идната недела да бидат вратени во земјава и по тријажата која ќе им биде направена ќе се утврди дали ќе бидат задржани на некои од трите болници во Скопје или ќе бидат испратени на домашно лекување.
Останатите 109 пациенти кои се лекуваат во странство се во релативно добра состојба, но, како што рече министерот „да бидеме резервирани за тоа дека можат да се случат компликации кои што не се предвидени“.
Повредените генерално имаат изгореници, дел од нив се со скршеници за кои бил потребен оперативен зафат, а некои се со изгореници на слузокожата на дишните патишта.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
На 203 се искачи бројот на повредени во пожарот во Кочани
Фото: МЗ