Српскиот претседател Александар Вучиќ информираше дека на протестот во Белград имало 56 повредени и 22 уапсени, наведувајќи дека нема сериозни повредени.
Тој додаде дека сите кои го прекршиле законот ќе одговараат прекршочно или кривично во зависност од прекршоците што ги сториле.
Вучиќ, пак, и синоќа повтори дека барањата на студентите се исполнети, имајќи предвид дека се објавени повеќе десетина илјади страници документи кои се однесуваат на градежните зафати на новосадската железничка станица, како и дека поради трагедијата се притворени десетина функционери и државни службеници.
Српскиот претседател, исто така, уште еднаш порача дека е „секогаш подготвен“ да го потврди својот легитимитет преку референдум или на избори во рок од четири или пет месеци, „а можеби и во пократок период од три месеца“.
„Добро ја разбравме пораката, секој треба да ја разбере пораката кога ќе се соберат толку многу луѓе, а од друга страна – се надевам дека некои добро ја разбраа пораката на мнозинската Србија, дека граѓаните не сакаат обоени револуции, насилство и дека сакаат да ја сменат власта на избори“, рече Вучиќ.
Тој ги критикуваше групите кои ги демолираа тракторите поставени пред Пионерскиот парк за да ги штитат „студентите кои сакаат да учат“ кои претходните денови беа цел на напади и провокации.
Вучиќ, исто така, ги пофали полицијата и безбедносните служби кои извршиле добра проценка на ситуацијата целиот изминат период и особено во саботата.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
(Видео) Колку голем беше протестот во Белград
Инциденти и провокации на протестите во Белград, студентите се повлекоа од безбедносни причини
Фото: CRTA