Само пет отсто од бизнисите во земјава се основани од жени, а само 12 проценти од компаниите ги водат жени. Западен Балкан губи 16 отсто од растот на БДП поради малата вклученост на жените во бизнисот и затоа е неопходно нивна поголема инклузија во економијата.
Ова го истакна министерката за финансии Нина Ангеловска на денешниот прв мастер клас на тема „Патеката до инклузивна дигитална економија: како да изградите успешен е-бизнис за жени претприемачи” што денеска и утре се одржува во Скопје, во организација на Министерството за финансии, UNCTAD – United Nations Conference on Trade and Development и Асоцијацијата за е-трговија.
Ангеловска која е една од седумте жени во светот што UNCTAD ги прогласи за амбасадори на дигитална технологија, порача дека жените треба да се охрабрат повеќе да се вклучат бизнисот и особено во е-во трговијата.
Нивното невклучување значи загуба за економиите, оцени министерката, посочувајќи дека првиот мастер клас на UNCTAD на оваа тема чиј домаќин е Скопје, треба да придонесе да се промовираат успешните приказни на жените во бизнисот и да се охрабрат други, зашто можностите и предизиците се големи. Ангеловски во тој контекст цитираше изјава на Џек Ма, основачот на најголемата платформа за е-трговија „Алибаба”, дека „денес не се работи за борба на мускули туку борба на мозоци“.
Прашањето за поголема инклузија на жените во бизнисот, според неа, треба да се стави и високо во агендите на економските политики.
Програмскиот менаџер на UNCTAD за е-трговија на жение, Кендас Нкот Бисек, кажа дека користа од оваа иницијатива не е само постигнување родова еднаквост, туку и успешно вклучување на жените во бизнисот и креирањето политики. Забележа дека има многу предизвици за остварување на таа цел, бидејќи жените немаат еднаков пристап до ресурсите. Најави дека мастер класови на оваа тема ќе бидат одржани и во другите земји од регионот.
На дводенвниот настан во Скопје учествуваат 50 жени од земјава и регионот кои имаат свој е-бизнис или работат во областа на дигиталниот бизнис, а целта е да им се помогне на жените – дигитални претприемачи да се развиваат и да можат да влијаат врз креирањето политики во соодветните области.
МИА/фото: МИА