еМагазин
Image default
Свет ТОП СТОРИИ

Кој беше Абу Бакр ал-Багдади, „калифот“ кој донесе смрт и ужас

Абу Бакр ал-Багдади, ирачки џихадист, кој се прогласи за „калиф“ на сите муслимани како водач на сунитска Исламска држава (ИД), беше цел на воената операција на САД во Сирија и беше ликвидиран.

Ал Багдади долго време беше на списокот на САД на најбарани терористи и за него имаше награда од 25 милиони долари, но го бараа и безбедносните сили во земјите од регионот кои учествуваа во уривањето на терористичката Исламска држава и продолжија да го бараат и откако Ирак и Сирија го вратија скоро целото окупирано подрачје, пренесува Хина.

Исламската држава или Калифатот, прогласена од Ал Багдади во јули 2014 година во над една четвртина од териториите на Ирак и Сирија, стана позната по ѕверствата против верските малцинства и нападите на пет континенти против „неверниците“ во името на радикалниот ислам што ги вџаши и умерените муслимани.

Геноцидот против Јазуидите, следбеници на една од најстарите религии од Блискиот исток, ја илустрира целата бруталност на неговото владеење. Илјадници мажи беа убиени на планината Синџар во северозападен Ирак, а жените, исто така, беа масовно ликвидирани или поробувани за сексуални робинки. Некои други религиозни групи, исто така, биле подложени на сексуално ропство, колење и камшикување.

ИД предизвика згрозување во светот со јавните погубување, со отсекување глава на заложници од западни земји, меѓу кои и САД, Велика Британија, Јапонија, како и Хрватска.

Ал Багдади е роден како Ибрахим Авад ал Самара во 1971 година во Тобчи, сиромашен дел од градот Самара, северно од Багдад, во семејство на проповедник од ултраконзервативната салафистичка школа на сунитскиот ислам.

Во рамките на т.н. „сунитски триаголник“, тоа „повлечено, чудно и тивко“ момче ревносно го проучувал Куранот и на рана возраст го добил прекарот „верник“.

Но имал уште еден прекар – „наш Меси“, бидејќи бил познат како голем љубител на фудбалот и играл за локалниот тим од џамијата.

Тој им се придружил на салафистичките џихадисти во 2003 година, кога САД почнаа воена интервенција во Ирак. Во 2004 година Американците го уапсија и затворија во затворот Бука, каде наскоро станал многу популарен како проповедник и фудбалер кој ја бркал топката во дворот на затворот. Овој пат добил прекар „Марадона“. Американците го ослободиле после една година, оценувајќи дека не претставува воена закана.

Тој го привлече вниманието на светот на 4 јули 2014 година, кога прогласи обновувањето на калифатот од говорницата на средновековната џамија Ал-Нури во Мосул.

„Господ ни заповеда да се бориме против непријателот“, рече Ал Багдади, претставувајќи се како „калиф Ибрахим, командант на правоверните“.

Илјадници доброволци од целиот свет одговориле на неговиот повик да станат „Јунд ал-Калафа“ – војници на калифатот и да се борат против шиитите, САД и нивните западни сојузници.

На врвот на моќта во 2016 година, ИД владееше со милиони луѓе во подрачјата од северниот дел на Сирија низ градовите и селата долж долините на реките Еуфрат и Тигар до периферијата на Багдад.

ИД ја презеде одговорноста за напади во десетици градови, вклучувајќи ги Париз, Ница, Орландо, Манчестер, Лондон и Берлин и градови во Турција, Иран, Саудиска Арабија и Египет.

Во јули 2016 година, ИД во шиитскиот дел на Багдад изврши напад во кој загинаа 325 лица, но со истата суровост ги елиминираше и своите поранешни сојузници во редовите на салафистичките џихадисти. Така започна војна против Ал Нусра фронтот, сирискиот огранок на Ал-Каеда и во 2013 година расчисти со Ал Завахири.

Во ноември 2016 година, за време на судирте меѓу ирачките сили и џихадистите во Мосул, тој ги повика своите борци и населението од целата провинција Ниневија да се борат со „непријателите на Бога“, кои по две години успеаја да влезат во главниот град на Калифатот, велејќи им на борците-самоубијци „ноќите на неверниците да ги претворат во ден“.

„Уништете ги нивните земји и дадете се од себе за нивната крв да тече во потоци“, им рече Багдади на своите борци во снимената порака.

ИД на крајот беше поразена на теренот, благодарение главно на курдските борци во Сирија, но експертите за безбедност веруваат дека групата, преку тајни операции и ненадејни, брзи напади, останува закана. Се верува дека ширум светот има свои ќелии и „спијачи“, додека некои борци оперираат од скриени делови на пустината и од ирачките градови.

Но, загубата на територии во Ирак и Сирија го направи Ал-Багдади бегалец, кој се криеше во пустинската област меѓу двете земји. Тој беше принуден да патува во тајност од едно до друго засолниште, придружуван само од возачот и двајца телохранители.

Плашејќи се од атентат или предавството, тој не можел да користи телефони и им верувал само на неколку курири за да комуницира со двајца блиски ирачки соработници: Ијад ал-Обади, неговиот министер за одбрана и Ајад ал-Џумаили, шеф на безбедноста. Но, Џамаили беше убиен во април 2017 година, а локацијата каде се крие Обаиди останува непозната.

МИА

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

ЦИА помогнала да биде лоциран: Во Сирија е убиен лидерот на Исламската држава, Абу Бакр ал-Багдади

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

(Видео) МВР откри лабораторија за производство на марихуана во Булачани

Редакција

Мицкоски го одби Заев, не гледа потреба да присуствува на лидерската средба во петок

Редакција

„U power“ го доби тендерот на Царинската управа за набавка на струја

Редакција