Дел од партиите во земјава веќе наголемо ја почнаа изборната кампања што укажува дека се загрева атмосферата во пресрет на одржување на изборите кои би требало да се одржат во април, следната година доколку нема одложување.
Сега главното прашање е дали ќе дојде до промена на Изборниот законик со цел да се промени изборниот модел и Македонија да стане една изборна единица.
Во однос на оваа проблематика, интересно е да се види како се менуваше изборниот модел од деведесетите години наваму.
Првите демократски повеќепартиски парламентарни избори во Социјалистичка Република Македонија се одржани на 11 ноември 1990 година, веднаш по воведувањето на политичкиот плурализам во септември истата година. Првите парламентарни избори, по стекнувањето на независноста на Република Македонија во 1991 година, се одржани во октомври 1994 година
На парламентарните избори во 1990 и 1994 година распределбата на пратеничките мандати се врши со примена на мнозинскиот изборен модел, со апсолутно (во првиот круг) и релативно мнозинство (во вториот круг). На овие избори пратениците се избрани врз основа на принципот: еден пратенички мандат – една изборна единица.
Во 1998 година се напушта апсолутната доминација на мнозинскиот и се воведува комбиниран изборен модел: 85 пратеници се избираат врз основа на мнозинскиот модел, а 35 пратеници врз основа на пропорционалниот модел.
Изборна единица за 35те пратенички места, кои се распределуваат според пропорционалниот модел, е територијата на цела Република Македонија. Распределбата на мандатите е извршена врз основа на Донтовиот модел, со изборен праг од 5%.
На парламентарните избори во 2002 година се воведува пропорционален модел за распределба на сите 120 пратенички места, при што територијата на Република Македонија е поделена на шест изборни единици, а од секоја изборна единица се избираат по 20 пратеници. За да се обезбеди поголема застапеност на жените во Собранието, за првпат се воведува квота од 30%, како гаранција за учество на помалку застапениот пол.
Истиот изборен модел е употребен и при спроведувањето на парламентарните избори во 2006 година и предвремените парламентарни избори во 2008 година (парламентарните избори од 2008 година се првите предвремени парламентарни избори одржани во Република Македонија). Согласно измените на Изборниот законик од 2008 година, во Собранието на Република Македонија се избираат 123 пратеници.
Според пропорционалниот модел се избираат 120 пратеници, при што територијата на Република Македонија е поделена на шест изборни единици, а во секоја изборна единица се избираат по 20 пратеници.
Тројца пратеници избираат државјаните на Република Македонија кои на денот на изборите се на привремена работа или престој во странство. Овие тројца пратеници се избираат според мнозинскиот модел, и тоа по еден пратеник од секоја од трите изборни единици: една изборна единица во Европа и Африка, друга изборна единица во Северна и Јужна Америка и трета изборна единица во Австралија и Азија.
Овој изборен модел за првпат е применет при спроведувањето на предвремените парламентарни избори во 2011 година. На овие избори, македонските граѓани, кои се на привремена работа или престој во странство, за првпат се стекнаа со право на глас.
Истиот изборен модел е применет и на третите предвремени парламентарни избори во 2014 година.
Во 2016 година промени во моделот имаше за гласањето на дијаспората. Бидејќи на претходните избори, тројцата пратеници од дијаспората се избираа со помалку гласови отколку пратениците во Македонија, овој пат дијаспората наместо во три, гласаше во една (седма) изборна единица.
Сега, повторно се најавени предвремени избори и се активира инцијатива за менување на Изборниот законик со цел земјава да стане изборна единица, но за да се реализира ова прашање ќе треба согласност од сите поголеми политички партии. Засега ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ не демонстрираат воља за поддршка на промените.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Ќе се согласат ли ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ со промена на изборниот модел во пресрет на изборите?