Во организација на Асоцијацијата на финансиски друштва, денеска се одржа презентација на статистичките податоци и резултатите од истражување на јавното мислење за финансиската писменост, кое беше спроведено во периодот од 11 до 19 септември 2019 година од страна на Истражувачкиот институт – Тим институт.
Кога станува збор за приходите на населението и навиките за штедење, истражувањето покажува дека има голема потреба од финансиска инклузија, бидејќи, согласно резултатите, 12% од испитаниците немаат доволно пари дури ни за храна, а 57% можат да си дозволат задоволување на потребите до максимум храна и облека, но дека немаат доволно да средства купат уреди за домаќинството, како ТВ, фрижидер и сл.
Исто така, 44% од испитаниците посочиле дека не се во можност да заштедат, бидејќи не им остануваат пари за штедење, додека 35% од испитаниците изјавиле дека со своите заштеди би можеле да живеат околу еден месец.
И покрај тоа што голем дел од населението немаат средства, истражувањата покажуваат дека мал дел од нив ги користат расположливите финансиски услуги, но во исто време, и не располагаат со информации за можностите кои им се нудат – само 6% земале кредит од небанкарско финансиско друштво во изминатите 12 месеци и високи 52% не користеле ниту една финансиска услуга од понудените, во изминатите 3 години.
Сето ова докажува дека има потреба од финансиски средства, а Финтек индустријата е потребна со вистинска причина – да ги обезбеди потребните средства, со најдобра корисничка грижа на брз, едноставен и лесен начин, без дополнително обезбедување, токму во неопходните, мали износи за ситуации кои бараат брзи решенија, како поправки во домот, поправка на електрични уреди или купување на бела техника.
Сепак, за да можат граѓаните да разберат и да знаат која услуга кога да ја користат, потребни се дополнителни напори, како што наведува истражувањато, за унапредување на финансиската писменост на општеството, на што укажува и фактот дека 59% од испитаниците ја оценуваат својата финансиска писменост како слаба или просечна, а 36% не обрнуваат внимание на нивната финансиска писменост и им требаат дополнителни информации.
Од анализата е евидентно дека финансиска едукација е исто така неопходна и кога станува збор за користење на услугите што ги нудат небанкарските финансиски друштва, главно заради можностите за финансиска инклузија на населението со ограничен пристап до услугите на традиционалните финансиски институции.
Небанкарските финансиските друштва се „најмладиот“ сегмент на финансискиот сектор во Северна Македонија, кој иако брзо расте, сé уште има мал удел како во вкупните средства на финансискиот систем, така и во вкупното портфолио на кредити. Минатата година, уделот во вкупните средства беше 0,44%, што е значителен пораст во однос на 2017 кога изнесуваше 0,37%, односно 0,19% во 2016 година.
Традиционалните финансиски институции сѐ уште ја имаат доминантната улога на финансискиот пазар, каде банкарскиот сектор е одговорен за 82,6% од средствата на финансискиот систем, иако неговото учество има тенденција на забавување (83,0% во 2017 и односно 84,7% во 2016 година).
Процентот на кредитоспособно население во земјата што го сервисираат небанкарските финансиски друштва минатата година беше 6%, а сумата што вообичаено се позајмуваше беше во просек од 200 до 400 евра. Досега, обемот на заеми што финансиските друштва ги одобруваат не е значаен во вкупниот долг на домаќинствата и на корпоративниот сектор.