Кога претседател на државата ќе каже дека би се иселил од неговата земја, ќе ги натера сериозно да размислат за својата иднина дури и тие кои никогаш не размислувале да се иселат од Македонија.
Конкретно Стево Пендаровски во својата кариера работел на „фини“ места и заработувал далеку повеќе од просечната плата од 400 евра која ја спомна на Форумот за млади лидери во Нови Сад, Србија, како причина за иселување.
Еми што да кажат илјадниците граѓани на Македонија кои земаат минималец од 12.000 денари, или другите илјадници кои секојдневно живеат на прагот на сиромаштија или тие што работат, а пак се сиромашни, а и нивниот број не е мал, текстилните работнички на кои и за тоалет работодавците не им даваат време…
Што да кажат тие што не се партиски војници, па џабе се пријавуваат на државни огласи за работа, тие што уште ја чекаат правдата, а секој ден гледат само неправда, тие што мора да потплатат за да не им го земе некој бизнисот…
Фино што Пендаровски ја „откри“ Америка, но прашањето е што тој со неговата функција може да смени во Македонија. Кажи речи ништо.
Неговата изјава ќе биде заборавена за два-три дена, а илјадници граѓани по секоја цена ќе продолжат да бараат начин како да се „спасат“ од Македонија.
Трагичното е што сите знаеме што треба да се направи за да младите, а богами и старите не продолжат да иселуваат од Македонија. Кој сака да си го напушти домот, пријателите, семејството, роднините… Никој.
Проблемот е што во оваа земја ништо не се менува на подобро, а нема абер дека и во блиска иднина нешто ќе се смени.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Кого го „здоболе“ вистината на претседателот Стево Пендаровски?