еМагазин
Image default
Македонија

Се заострува реториката меѓу СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ околу Законот за јавно обвинителство

Министерката за правда Рената Дескоска денеска од својот Фејсбук профил му порача на ВМРО-ДПМНЕ наместо да измислува афери, да се посветат на изготвување амандмани на Законот за Јавно обвинителство.

„Штом дојде на дневен ред Законот за јавно обвинителство очигледен е очајот и стравот на ВМРО-ДПМНЕ, поради што нивните фејкери на чело со Антонио Милошоски се пуштени на најјако.

Во интерес на вистината информирам дека во септември минатата година е донесен нов Закон за правосуден испит, кој предвидува спроведување на усен испит по кривично право (кривично материјално и процесно право), граѓанско право (граѓанско материјално и процесно право), трговско право, трудово право, уставно уредување на Република Северна Македонија и Европската конвенција за заштита на човековите права и основни слободи, организација на правосуден систем и управно право и судир на закони и меѓународна правна помош.

Предметите кои се предвидува да се полагаат се во согласност со програмите на земјите во регионов каде се спроведува правосуден испит од ист или сличен тип“, напиша Дескоска.

Таа додава дека програмата за испитите ја изготвила Комисија составена од професори и судии кои ги подготвиле испитните прашања, листата на прописите и правната литература. Задолжителен дел на испитот е познавање на прописите. Правосудниот испит се полага од Уставот и од законите и на него се бара знаење за примена на правните одредби.

Дескоска наведува дека листата со правната литература е индикативна, доколку некој од кандидатите има потреба од дополнителни разјаснувања.

На листата на правна литература се учебници кои се одобрени на правните факултети и меѓу нив се учебници напишани од професорите: Камбовски, Тупанчески, Лажетиќ, Калајџиев, Мисоски, Илиќ- Димоски, Арнаудовски, Груевска – Дракулевски, Родна Живковска, Тина Пржеска, Гале Галев, Јадранка Дабовиќ Анастасовска, Дејан Мицковиќ, Ангел Ристов, Арсен Јаневски, Татјана Зороска Камиловска, Поликсена Гравровска, Тони Дескоски, Саво Климовски, Гордана Силјановска-Давкова, Тања Каракамишева и други.

„Овие учебници, најголем дел од кандидатите ги имаат од периодот на нивното студирање, но и да ги немаат ниеден кандидат не е обврзан да ги купи.  А учебникот од Поликсена Гавровска и Тони Дескоски и да сака ниеден кандидат не може да го купи, бидејќи истиот е објавен во 2011 година и целиот тираж е исцрпен. Учебникот е коавторски, а едниот автор е починат. Авторите имаат дадено одобрение за фотокопирање на учебникот без авторски надомест и тоа го знае секој студент на правен факултет.

Испитот по овој предмет е дел од програмата за правосудни испити во државите од регионот, а во Северна Македонија учебникот на проф. Поликсена Гарвровска и проф. Тони Дескоски е единствен одобрен учебник кој го обработува тековниот закон, по кој се учи на најдобро рангираниот правен факултет кај нас.

Ако ВМРО-ДПМНЕ и особено Антонио Милошоски има забелешка на стручноста на проф. д-р Тони Дескоски, ги повикувам истото јавно да го кажат, а не да измислуваат афери таму каде што ги нема“, напиша Дескоска.

Таа вели дека при подготвувањето на програмата од страна на комисијата, очекувала во неа да биде вметната и некоја од книгите по право кои ги превела владата на ВМРО-ДПМНЕ во текот на нејзиното владеење.

„За жал, ниедна од нив не е дел од правосудниот испит, бидејќи сите изготвувачи на програмата за правосуден испит ги отфрлија како неупотребливи. Останува прашањето кое ВМРО-ДПМНЕ треба да го одговори, која беше целта на тие неупотребливи преводи и за што беа фрлени толку многу пари од буџетот?“, се наведува во нејзиниот статус.

Што се однесува до Комисијата за правосуден испит, додава Дескоска, таа е составена од професори по право од акредитираните правни факултети во државата, судии, јавни обвинители и адвокати. Нагласува дека комисијата целосно ги исполнува законските критериуми и е составена согласно законот.

„Интересно е што ВМРО-ДПМНЕ имаат забелешки на 6, а Антонио Милошоски нашол „маани“ на 7 од вкупно 14 членови на комисијата. Тоа значи кај ВМРО-ДПМНЕ „сум положила“ со преку 50% неоспорени кандидати, а кај Милошоски односот на „соодветни“ и „несоодветни“ кандидати е 50%:50%. Па и не би било добро ако целата комисија и се допадне на ВМРО-ДПМНЕ, зарем не? 4

Веројатно ним им недостасува времето кога Јово Вангеловски беше претседател на комисијата. Новата Комисија за правосуден испит составена од стручни, принципиелни и професионални луѓе гарантира непристрасност и независност во спроведување на испитите кои се јавни, поради што јавноста ќе може да го посведочи истото“, додава Декоска во објавата.

На крајот им порача на ВМРО-ДПМНЕ и на Антонио Милошоски, наместо да се занимаваат со измислување на афери таму каде што ги нема, да се посветат на подготовка на амандмани на Законот за јавно обвинителство, ако мислат дека има потреба да се прават измени на текстот.

„Само така ќе покажат дека се спремни да го остават зад себе времето на „моќници“, на „нарачани лустрации и прогони“ и да ги стават интересите на евроинтеграцијата пред личните интереси на обвиниетите и осомничените криминалци од нивните редови“, напиша Дескоска.

Од друга страна, генералниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ, Игор Јанушев денеска соопшти дека не постои никаква шанса партијата да отстапи од барањата во однос на Законот за јавно обвинителство.

„Ова го кажувам не поради суета, не поради пех на ВМРО-ДПМНЕ, туку поради тоа што само со овие предлози во измените во Законот за јавно обвинителство можеме да мрднеме од мртва точка во однос на борбата со криминалот и корупцијата односно создавање почеток за создавање правна држава која што дефакто и неминовно, ако не започне сега ќе започне по 12 април“, рече Јанушев.

Во врска со повикот на партискиот лидер Христијан Мицкоски до Министерството за правда да ги прифати сите забелешки на експертите кои учествувале во јавната расправа, Јанушев смета дека министерката Рената Дескока стои наспроти цела правна фела.

„Впрочем се она што го кажаа експертите професорите од правен факултет и сите оние кој што се на некој начин поврзани или затекнати со законот за Јавно обвинителство го говорат истото, само Рената Дескоска го говори спротивното“, додаде тој.

За тоа дали ќе се донесе законот пред изборите, Јанушев вели дека според партијата секако дека треба да се донесе, но не онаков, каков што го предлага СДСМ.

„Видете да барате да се носи закон каде што покрај сегашното одделение за гонење на криминал и корупција каде ќе дадете само еден збор и ќе направите ново буквално со истите ингеренции каде ќе предвидите сите од СЈО, од она СЈО кој што слушнавме што се случува ќе ги ставите внатре е во крајна рака небулозно и притоа да има финансиски буџет неколку пати поголем од сите останати во однос на вработените во обвинителството.

Каква порака праќаме во однос на владеење на правото и правната држава. Ако тоа треба да биде репер како треба да биде како да се развива државата тогаш е подобро да не се носи ова законско решение“, изјави Јанушев.

МИА

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Што предвидува новиот Закон за јавно обвинителство: Посебно одделение за истраги на лица со полициски овластувања

Се најавува нова средба за Законот за јавно обвинителство, партиите до утре треба да поднесат амандмани

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Апелација ја потврди условната казна за Ивона Талевска

Редакција

Пет лица починаа од Ковид-19

Редакција

Кои се носителите на листи на Левица за парламентарните избори

Редакција