Младите лица до 23 години од денес можат да аплицираат за младински додаток, во центрите на вработување. Законот за младински додаток е објавен во „Службен весник“ и веднаш влегува во сила.
„Мерката се однесува на млади до 23 години коишто имаат завршено најмалку средно образование и работат во производствена дејност или се индивидуални земјоделци. Младите да ја искористат можноста да го дополнат личниот буџет со 3.000 денари, секој месец. Младинскиот додаток се исплатува на лична сметка на корисникот“, информираат од Министерство за труд и социјална политика.
Младинскиот додаток е дизајниран не само да ја зголеми младинската вработеност, туку и да овозможи подобро платени работни места за младите луѓе, велат од министерството.
За исплата на месечниот додаток од 3.000 денари за 2020 година предвидени се 160 милиони денари и се очекува да го примаат околу 4.000 лица.