На денешното рочиште за „Рекет“ на кое продолжи презентацијата на материјални докази од страна на Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција, беа презентирани и аудио-снимки од третообвинетиот во случајот, Зоран Милески-Кичеец, кој ја призна вината и доби три години затвор.
Во снимките со послаб квалитет од тие на бизнисменот Орце Камчев и со шумови, тој разговара со сопругата на Камчев, Ана Камчева, и двајцата сведоци во „Рекет“ и првообвинетиот Бојан Јовановски-Боки 13.
По барање на обвинителката Вилма Рускоска, јавноста не ги слушна овие разговори, бидејќи имало приватни работи.
Второобвинетата, поранешната специјална обвинителка, Катица Јанева и Боки 13, реагираа на нејзината одлука и побараа јавноста да не биде исклучена за да може јасно да се види кој нуди поткуп и кој нудел рекет.
„Од снимките се виде дека никој не разговарал за рекет кога бил во притвор Орце Камчев, а во делот кога нуделе поткуп баш тие разговори не сакате да ги изведете. Од таму почнува приказната за мојата одбрана и мислам дека ми е нарушено правото што не се дозволува да се изведат“, рече Јанева.
На крај дојде и до судир на поранешните колешки, Русковска и Јанева.
Случајот „Рекет”, го води Кривични совет предводен од судијката Васка Николовска-Масевска, а обвинението го застапува шефицата на Обвинителството за борба против организираниот криминал и корупција, Вилма Рускоска.
Јовановски се сомничи дека сторил кривично дело „перење пари и други приноси од казниво дело“, а Јанева и Милески за „примање награда за противзаконито влијание“.
Јанева се товари и дека сторила и кривично дело „злоупотреба на службена положба и овластување“.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Судење за „Рекет“: Боки 13 и Камчев договарале операција за Јанева, ама не во Систина
Фото: МИА