Дисциплираноста на охриѓани и нивниот одговорен однос кон мерките за спречување на ширењето на заразата со коронавирусот резултираше со релативно мал број инфицирани во градот. Досега на Ковид-19 во Охрид се позитивни 15 лица, што е знајачно помалку споредбено со соседна Струга каде има 55 позитивни на корона вирусот.
Според податоците на Центарот за јавно здравје од Охрид, во охридско-струшкиот регион досега се спроведени повеќе од 300 тестирања за Ковид-19.
Јавноста во Охрид деновиве беше вознемирена откако во еден ден беа потврдени осум случаи на лица позитивни на коронавирусот. Сите тие се вработени во бензиска пумпа во градот, така што истата од превентивни причини е затворена.
Директорот на Центарот за јавно здравје во Охрид, Сашо Точков истакна дека сите лица чии резултати од тестирањето се позитивни се изолирани, исто како и нивните најблиски, оние со кои биле во контакт.
Што се однесува на причината за поголемиот број инфицирани во струшко, Точков смета дека тоа е најверојатно последица од ненавременото пријавување и одење во соодветните здравствени институции.
„Јас не можам да го тврдам тоа, но според епидемиолошките анкети и она што го имаме, голем број на позитивни случаи имаме од тој дел, за жал и многу смртни случаи, што наведува на тоа дека не се оди навреме кај соодветен лекар, во соодветна здравствена установа“, изјави Точков.
Покрај пунктот за тестирање во Охрид каде се земаат примероци за тестирање од лица со упат од матичен лекар, екипи на Центарот за јавно здравје вршат и теренски собирања материјал за тестирање. Денеска нивни екипи се на терен во струшко, поточно во село Лабуништа.
МИА
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Убава вест: Во Дебар 6 дена нема новозаразени со коронавирусот
Докторка на Интерното одделение во Кочани позитивна на коронавирусот
Вкупно 1.231: Нови 7 случаи на заразени со коронавирусот