еМагазин
Image default
МОЈ СТАВ ТОП СТОРИИ

Зошто ИЈЗ повеќе не објавува детални податоци за состојбата со Ковид-19 во Македонија?

Пред неколку дена од Светската здравствена организација (СЗО) ја пофалија Македонија за соработката и споделување на податоци.

На јавноста не и познато какви се податоци Македонија споделува со СЗО, но сигурно е многу поважно какви податоци споделува со јавноста во земјава.

Од почетокот на епидемијата со Ковид-19 на сајтот на Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) освен бројките што секојдневно ги соопштува Министерството за здравство (број на заразени, починати, оздравени и активни случаи и од време на време и број на активни случаи по скопските општини), се објавуваа и детални податоци од типот какви и дали имале некакви претходни заболувања новозаразените, дали имале контакт со потврден случај, на која возраст се, колку од новите случаи се импортирани од надвор, податок кој добива уште повеќе на значајност сега кога границите се отворија, заразени и оздравени здравствени работници, каков е бројот на заразени на 100 илјади жители по општини, која општина во која фаза од пандемијата е…

Случајно или не, на почетокот на месецов, од кога бележиме драстичен раст не само на нови случаи на заразени со корона вирусот, туку и на бројот на починати од вирусот, овие податоци ИЈЗ престана да ги објавува на својот сајт.

еМагазин на прес конференција пред неколку недели за тоа го праша и министерот за здравство, Венко Филипче, кој често ги посочуваше токму овие податоци како одговор на бројни новинарски прашања. Тој одговори дека ќе провери и рече дека станува збор најверојатно за технички проблем.

Во меѓувреме од ИЈЗ на Фејсбук соопштија дека имаат технички проблеми и дека податоците ќе ги објавуваат на социјалните мрежи. Но, на Фејсбук ги објавуваа само генералните податоци кои со новинарите и јавноста ги споделува и Министерството за здравство.

Зошто ги нема овие детални податоци еМагазин пред неколку дена го праша и директорот на ИЈЗ, Шабан Мемети.

И тој рече дека станува збор за технички проблем кој ќе се надминел и дека податоците ќе се вратат на сајтот на ИЈЗ.

Последниве денови сајтот на ИЈЗ функционира, но повторно се објавуваат само генералните податоци, а минатата недела беше објавена збирна за период од осум дена, а не дневна информација за состојбата со Ковид-19 во Македонија.

еМагазин и денеска се обиде да го добие Мемети, на кој му пративме и СМС порака, но тој не одговори.

Овие податоци секако дека јавноста треба да ги знае, а и на новинарите ќе им помогнат да си прават сопствени анализи, а не секоја нивна информација да се базира само на инфото на здравствените власти.

Фото: Кабинет на претседателот

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Приведени 10 лица од Тетово и Гостивар за сексуална експлоатација и трговија со дете

Редакција

Малолетник заработи кривична за тероризам, оти од дома испраќал дојави за бомби

Редакција

МВР: Хрватскиот ракометар бил претепан, двајца се приведени, еден е во бегство

Редакција