еМагазин
Image default
Спорт ТОП СТОРИИ

Голема акција на финансиската полиција во ФФМ: Кривични пријави за повеќе физички и правни лица

Управата за финансиска полиција поднесе кривични пријави по повеќе основи против 11 физички лица како и 14 правни лица под сомниение дека во периодот од 1 јануари 2015 година до 10 октомври 2019 година на незаконски начин се стекнале со противправна имотна корист во износ од 146.770.172 денари, за кој износ ја оштетиле Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ).

„Управата за финансиска полиција до Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција Скопје поднесе кривична пријава против лицата И.Ѓ. во својство на Претседател, О.М. во својство на Раководител на Одделение за финансии и сметководство и Т.М. во својство на раководител на Одделот за судии и судење, сите од Фудбалската федерација на Македонија, како и Ѓ.Ч. во својство на сопственик и управител на правниот субјект Масон Инжинеринг ДООЕЛ Скопје; Н.Л. во својство на сопственик и управител на правниот субјект Сеф Компани ДОО Скопје; С.Т во својство на сопственик и управител на правниот субјект Усјепор ДООЕЛ Скопје; К.А, во својство на овластено лице во правниот субјект Км Емона ДООЕЛ Скопје; Е.Н. во својство на градежен инжинер во правното лице Балкан-Консалтинг ДОО Скопје; И.Т. во својство на сопственик и управител на правните субјекти Биро Копирс Ирина ДООЕЛ Скопје и Принт Примус ДООЕЛ Скопје; И.Т. во својство на сопственик и управител на правниот субјект ТП Оли-Вети Копирс Скопје; И. П. во својство на сопственик и управител на правниот субјект Идиомас ИП ДООЕЛ Скопје; Ј.Д. во својство на сопственик правниот субјект Спортико Трејд ДООЕЛ Скопје; И.Ш. во својство на сопственик и управител на правниот субјект Борографика ДООЕЛ Скопје; С.С. во својство на сопственик и управител на правниот субјект Елит Травел ДООЕЛ Скопје како и против горенаведените правни субјекти кои се стекнале со противправна имотна корист“, сооопшти Управата.

За нив има основано сомнение за сторени кривични дела злосторничко здружување, перење пари, злоупотреба на службена положба, проневера, фалсификување и уништување деловни книги, помагање…

„Пријавената О.М, заедно со пријавениот Ѓ.Ч, во својство на сопственик и управител на пријавениот правен субјект Масон Инжинеринг ДООЕЛ Скопје, во периодот од 01.01.2016 до 10.10.2019 година, свесно и со однапред утврдена намера, со цел да се стекнат со противправна имотна корист за себе и нивните правни субјекти, формирале злосторничко здружение во кое ги организирале, координирале и насочувале пријавените: Н.Л. во својство на сопственик и управител на пријавениот правен субјект Сеф Компани ДОО Скопје, С.Т. во својство на сопственик и управител на пријавениот правен субјект Ус јепор ДООЕЛ Скопје и К.А. во својство на овластен потписник во пријавениот правен субјект Км Емона ДООЕЛ Скопје да изготват и достават енормен број на фиктивни фактури, за “наводно’’ извршена продажба на стоки и услуги на ФФМ, по што пријавената О.М. организирала и извршила плаќање на наведените фактури од банкарските сметки на ФФМ, и спротивно на закон наплатиле и присвоиле парични средства во вкупен износ од 69.375.926 денари.

Со горенаведените инкриминирани дејствија, пријавените правни субјекти се стекнале со противправна имотна корист и тоа:

– Масон Инжинеринг ДООЕЛ Скопје во вкупен износ од 45.055.099 денари,

– Сеф Компани ДОО Скопје во вкупен износ од 6.328.372 денари.

– Усјепор ДООЕЛ Скопје во вкупен износ од 8.207.731 денари и

– Км Емона Компани ДООЕЛ Скопје во вкупен износ од 9.784.815 денари

со што пријавените го сториле кривичното дело Злосторничко здружување предвидено и казниво по член 394 од Кривичниот Законик на РСМ и останатите кривични дела кои им се ставаат на товар“, информираат оттаму.

Од Финасиската полиција додаваат дека пријавената О.М. во својство на Раководител на Одделение за финансии и сметководство во Фудбалска федерација на Македонија со пречекорување на овластувањата на својата службена положба и во соизвршителство со сопствениците и управителите на пријавените правни субјекти:

– Биро Копирс Ирина ДООЕЛ Скопје,

– Принт Примус ДООЕЛ Скопје,

– Оли Вети Копирс ДООЕЛ Скопје,

– Идиомас ИП ДООЕЛ Скопје и

– Спортико Трејд ДООЕЛ Скопје

свесно и со однапред утврдена намера, во периодот од 01.01.2015 до 10.10.2019 година врз основа на голем број на фиктивни фактури, за „наводно“ извршена продажба на стоки и услуги издадени од претходно наведените правни субјекти, пријавената О.М. незаконски организирала и овозможила наплата на парични средства од ФФМ во вкупен износ од 31.017.640 денари, за кој износ е оштетен ФФМ.

„Примените паричните средства во пријавените правни субјекти Спортико Трејд ДООЕЛ Скопје, Биро Копирс ДООЕЛ Скопје, Принт Примус ДООЕЛ Скопје, Оли Вети Копирс ДООЕЛ Скопје и Идиомас ИП ДООЕЛ Скопје, во најголем дел биле подигнати во готово, „наводно“ за материјални трошоци од страна на пријавените физички лица И.Т, И.Т, И.П. и Ј.Д., а кои ги предале на пријавената О.М., која со цел да го прикрие потеклото на паричните средства, истите ги уплаќала во готово на своите лични банкарски сметки и ги користела за плаќања за лични потреби, со кои дејствија пријавените го сториле кривичното дело Перење пари и други приноси од казниво дело предвидено и казниво по член 273 од Кривичниот Законик на РСМ и останатите кривични дела кои им се ставаат на товар.

Пријавената О.М., во својство на Раководител на Одделението за финансии и сметководство, во периодот 01.01.2015 до 10.10.2019 година, во повеќе наврати лично за себе и свои потреби, од правните лица Тинк Мебел ДОО Скопје, КМГ Ливинг ДОО Скопје, Сигма ДООЕЛ Прилеп, Денебола ДООЕЛ Скопје, БС Инфинити ДОО Скопје и Ин Травел ДООЕЛ Скопје набавувала мебел и покуќнина, златен и дијамантски накит, брендирани ташни, обувки, друг женски аксесоар, како и користела аранжмани за туристички патувања на луксузни дестинации за неа и нејзини блиски лица, а при тоа барала од претходно наведените правни субјекти за набавените производи и услуги да изготват фактури кон Фудбалската федерација на Македонија, по што пријавената О.М. со пречекорување на овластувањета на својата службена положба го организирала и извршила плаќањето на наведените фактури од банкарските сметки на ФФМ, на кој начин се стекнала со противправна имотна корист за себе и други во вкупен износ од 30.777.389 денари, на штета на ФФМ.

Пријавената О.М., во својство на Раководител на Одделението за финансии и сметководство, во периодот од 01.01.2016 до 10.10.2019 ја злоупотребила службената кредитна картичка во сопственост на ФФМ, доверена на чување, на начин што пријавената О.М. при приватни патувања надвор од државата, за свои лични потреби, храна, облека и друго, потрошила и присвоила парични средства во вкупен износ од 3.017.928 денари, за кој износ го оштетила ФФМ.

Пријавениот Т. М., во својство на раководител на Одделот за судии и судење при Фудбалска федерација на Македонија, потпомогнат од страна на С.С. и во соизвршителство со И.Ш., свесно и со однапред утврдена намера организирал да се изготват и достават фактури со невистинита содржина, за услуги и трговска стока која никогаш не била испорачана за потребите на ФФМ, од страна на пријавените правни лица Елит Травел ДООЕЛ Скопје и Борографика ДООЕЛ Скопје, за кои фиктивни фактури пријавената О.М. со пречекорување на овластувањата на својата службена положба извршила неоснована исплата од банкарските сметки на ФФМ на парични средства во вкупен износ од 12.581.289 денари, на штета на ФФМ.

Незаконски добиените парични средства од страна на управителите на горенаведените правни субјекти во најголем дел се подигнувале во готово и се предавале на пријавените Т.М. и О.М. со кои дејствија пријавените го сториле кривичното дело Перење пари и други приноси од казниво дело предвидено и казниво по член 273 од Кривичниот Законик на РСМ и останатите кривични дела кои им се ставаат на товар.

Пријавената О.М, во својство на Раководител на Одделение за финансии и сметководство во Фудбалска федерација на Македонија, злоупотребувајќи ја својата службена положба и овластување, на претседателот на Фудбалската федерација на Македонија му доставувала на потпис нецелосно пополнети налози за исплата на парични средства „ПП 30“ и врз основа на така пополнети одобрени и потпишани налози, додавала броеви за да се зголемат износите за исплата, додавала назив на фирмата примач и ги реализирала налозите за плаќања од банкарските сметки на ФФМ на банкарските сметки на Масон Инжинеринг ДООЕЛ Скопје, Сеф Компани ДОО Скопје, Усјепор ДООЕЛ Скопје, Км Емона ДООЕЛ Скопје, Биро Копирс Ирина ДООЕЛ Скопје, Принт Примус ДООЕЛ Скопје, Оли-Вети Копирс Скопје, Идиомас ИП ДООЕЛ Скопје, Елит Травел ДООЕЛ Скопје, Спортико Трејд ДООЕЛ Скопје, Борографика ДООЕЛ, Сигма ДООЕЛ Прилеп, Денебола ДООЕЛ Скопје, БС Инфинити ДОО Скопје, Тинк Мебел ДОО Скопје, КМГ Ливинг ДОО Скопје и Ин Травел ДООЕЛ Скопје, а со цел да ги прикрие трагите од сторените кривични дела, како и да ги прикрие трагите од неоснованите исплати кон претходно наведените правни субјекти и постоењето на нереалниот должничко-доверителски однос помеѓу Фудбалска Федерација на Македонија и сите претходно наведени правни субјекти, пријавената О.М. спротивно на законските прописи извршила манипулација со податоците во сметководствената евиденција и документација на Фудбалска федерација на Македонија.

Пријавениот Е.Н, во својство на градежен инжинер-надзор од правното лице Балкан – Консалтинг ДОО Скопје, ја злоупотребил својата службена положба и овластување, на начин што во текот на 2018 година во вкупно четири наврати со свој потпис и печат заверил четири времени ситуации за наводно извршени градежни работи од страна на Масон Инжинеринг ДООЕЛ Скопје во вкупен износ од 29.974.109 денари, кои градежни работи реално никогаш ниту биле нарачани ниту извршени за потребите на Фудбалската федерација на Македонија.

Пријавениот И.Ѓ, во својство на Претседател на Фудбалска федерација на Македонија, постапил несовесно во вршењето на службата, со пропуштање на должен надзор и внимание во вршење на своите овластувања и должности, со што и овозможил на пријавената О.М. неосновано и спротивно на законот на штета на ФФМ да изврши исплата на парични средства од банкарските сметки на ФФМ на банкарските сметки на пријавените правни лица, со кои дејствија пријавениот И.Ѓ. го сторил кривичното дело Несовесно работење во службата по член 353-в од КЗ на РСМ.

Со горенаведените инкриминирани дејствија пријавените физички и правни лица, во периодот од 01.01.2015 до 10.10.2019 година на незаконски начин се стекнале со противправна имотна корист во износ од 146.770.172 денари, за кој износ ја оштетиле Фудбалската федерација на Македонија“, се вели во соопштиението.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Полицајци со пукање спасувале „жива глава“ од толпа во Струмица

Редакција

(Видео) Победа над Ковид-19 во Нов Зеланд: Одржан концерт со 50.000 посетители без маски и дистанца

Редакција

СЗО: Граѓаните во Македонија плаќаат високи трошоци за лекување на приватно

Редакција