еМагазин
Image default
Македонија

Новиот министер за правда Маричиќ ја презеде функцијата од Дескоска

Крупни реформски потфати во првите сто дена од својот мандат за ефикасно и објективно прочистување и деполитизација на судството и обвинителството, најави новиот министер за правда Бојан Маричиќ при денешото примопредавање на функцијата од досегашната министерка Рената Дескоска.

Честитајќи му ја функцијата министер за правда, досегашната министерка Дескоска истакна дека очекува, се надева и верува дека по завршувањето на мандатот на Маричиќ, ќе бидеме многу поблиску до Европската Унија отколку што сме денеска. Дескоска се заблагодари и на медиумите за досегашната соработка и истакна дека токму нивната поддршка често пати ѝ претставувале голема помош во преговорите за многу значајни прашања.

-За мене е голема чест и одговорност што сум дел од оваа Влада во оваа важна функција – министер за правда. Има голема жед за правда во општеството, ефикасно постапување на обвинителството и судството и за правна разрешница на голем број на случаи, истакна во своето прво обраќање новоименуваниот министер за правда Маричиќ, кој се заблагодари за огромниот придонес на досегашната министерка Дескоска.

Во овој мандат, министерот Маричиќ најави крупни реформски потфати и најави дека во првите сто дена од својот мандат, во соработка со нашите европски партнери и сите засегнати страни ќе биде утврден моделот со кој ќе се обезбеди ефикасно и објективно прочистување и деполитизација на судството и обвинителството.

Во поглед на правосудството, министерот најави и ЕУ мониторинг на судските предмети на висока корупција како гаранција за фер и непристрасно судење и ефикасен судски процес, како и законски обврски со кои Јавното обвинителство ќе биде должно редовно, континуирано и јавно да информира за напредокот по предметите кои ги следат граѓаните.

Новоименуваниот министер најави и финансиска поддршка за зголемување на бројот на стручни соработници за секој судија и јавен обвинител и ефикасна и ефективна судска и јавно-обвинителска администрација, намалување на судската такса, како и надоградба на АКМИС системот каде што комуникацијата со сите странки ќе се одвива и електронски со што ќе се олесни пристапот до судската власт.

Најавен е и Закон за управување со движењето на предметите во Јавното обвинителство, со што распределбата на предметите во обвинителството ќе биде по случаен избор, но и воведување на нов модел со кој ќе се спречат злоупотребите на системот на судии-поротници и обезбедување на сигурен систем на Електронски алки за лица во куќен притвор и оние со изречена казна куќен затвор.

Едно од најглавните ветувања на новиот министер за правда, Маричиќ е успешен почеток и спроведување на преговорите за членство со ЕУ во однос на Поглавјето 23 – судство и темелни права и во делот на Поглавјето 24 – правда, слобода и безбедност.

-Сигурен сум дека е време за одлучни чекори, за деполитизација и прочистување на правосудството, време е за бескомпромисна борба со криминалот и корупцијата. Својата улога како министер за правда ја сфаќам да ја зајакнам вербата на граѓаните во системот и верувам дека со напорна работа и верно служење на граѓаните тоа ќе го постигнеме, потенцираше новиот министер за правда.

Бојан Маричиќ досега беше национален координатор за европски интеграции во Владата на Република Северна Македонија. По вокација е правник и има две магистратури – меѓународно и европско право на Универзитетот во Амстердам – Холандија во 2009 година, и магистер по современи европски студии на Универзитетскиот колеџ во Лондон, Велика Британија во 2011 година.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Кој е Бојан Маричиќ, новиот министер за правда

За да стане Груби „прв вицепремиер“ ќе се менува Деловникот за работа на владата

Бесими ја презеде функцијата министер за финансии, Ангеловска му посака успех во работата

МИА/Фото: МИА

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Бугарија со декларација пред Првата меѓувладина конференција меѓу Македонија и ЕУ кажа дека нема македонски јазик

Редакција

Антикорупциска побарала М-НАВ да ги достави документите од набавката на радарскиот систем

Редакција

Ковачевски – Макрон: Франција е посветена на европската перспектива на Македонија

Редакција